Маск: Бев тестиран за дрога три години без претходна најава. Се на барање на НАСА


Американскиот мултимилијардер Илон Маск одговори на написот на Волстрит журнал (Wall Street Journal – WSJ) во кој се тврди дека директорите на „Тесла“ и на „Спејс икс“  се загрижени дека употребата на дрога од Маск може да им наштети на неговите компании. Маск го критикуваше Волстрит журнал и се осврна на деловните успеси на Тесла“ и „Спејс икс“ .

„Што и да правам, очигледно треба да продолжам да го правам“, рече тој во објавата на Икс (X- поранешен Твитер). Весникот изминатиот викенд објави дека Маск користел ЛСД, кокаин, екстази и психоделични печурки, цитирајќи луѓе кои наводно биле сведоци на неговата употреба на дрога.

Незаконската употреба на дроги би била прекршување на федералните политики и би можела да ги загрози тешките владини договори со „Спејс икс“ вредни милијарди долари. Маск, исто така, би ја прекршил политиката на компанијата во „Спејс икс“ и „Тесла“ со користење нелегални дроги. Во објава на својата социјална мрежа, Маск истакна дека не бил позитивен на дрога во три години случајно тестирање на дрога.

Маск пушеше марихуана во шоу

Тој објасни дека тестовите ги направил на барање на НАСА откако пушел марихуана во шоуто на комичарот Џо Роган во 2018 година. „Не се пронајдени никакви траги од дрога или алкохол“, изјави тој. Корпоративните изведувачи мора да ги следат стандардните упатства на НАСА за тестирање на дрога, кои обично тестираат за марихуана и кокаин.

Откако Маск пушеше во шоуто на Роган, НАСА побара писмени гаранции дека „Спејс икс“ го почитува федералниот закон за работно место без дрога. Изведувачите исто така може да ги изгубат безбедносните дозволи за злоупотреба на дрога, дефинирани како користење нелегални дроги или лекови на рецепт „на начин што отстапува од одобрените медицински упатства“.

Во својата улога како извршен директор и основач на „Спејс икс“, Маск има безбедносен сертификат што му дава пристап до доверливи информации. „Доколку лековите навистина помогнаа да ја подобрам мојата нето продуктивност со текот на времето, дефинитивно би ги земал“, нагласи Маск во една од објавите.