МАСИТ за проблемите на порталот на ДИК: Дигиталните проекти да се договараат транспарентно

Фото: Б. Грданоски

Дигиталните проекти, производи и услуги кои се од општествено, економско и државно значење треба да се договараат и реализираат на максимално транспарентен, објективен и етичен начин и при тоа, никако не смее да биде изземена комората, се вели во ставот на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ, поврзано со новонастаната ситуација и технички проблеми на порталот на Државната изборна комисија за време и по изборниот процес на предвремените парламентарни избори јули 2020 година.

– МАСИТ како влијателно тело за сите процеси на дигитализација и транспарентност, а особено како комора која ги застапува ИТ компаниите, укажува дека дигиталните проекти, производи и услуги кои се од општествено, економско и државно значење, независно дали законот тоа го предвидува или не, треба да се договараат и реализираат на максимално транспарентен, објективен и етичен начин, и при тоа, никако не смее да биде изземена комората МАСИТ која е носител, иницијатор и реализатор на дигиталните процеси во земјава, се вели во ставот на МАСИТ.

Истовремено, од МАСИТ сугерираат при селекцијата на компанија поврзана со активности во јавниот сектор, секогаш да се побараат релевантни референци, соодветни сертификати, експертиза и искуство во дадената област.

– Во време на политички и општествени промени, научивме дека транспарентноста и интегритетот се клучни за создавање на здрави процеси и квалитетни проекти и тргнувајќи токму од таа кауза упатуваме силна сугестија за исползување на ресурсите, експертизата и стручните мислења на комората МАСИТ во дигитални проекти од општествено-национално значење, наведуваат од МАСИТ.

Од МАСИТ, исто така, посочуваат дека комората прогресивно и проактивно се залага за успешно и доследно дигитализирање на општествените и економски процеси и во таа насока претставува иницијатор, партнер и двигател на бројни дигитални проекти кои се во полза на правните и физички лица, државните институции и граѓанскиот сектор.