Масимо Фавила за „Независен“: Бројот на заразени во Италија е многу поголем од официјалниот


Слободанка Јовановска

Бројот на заразени во Италија е многу поголем од тој што се кажува во дневните билтени, вели Масимо Фавила, експерт за епидемиологија, санитарен директор и поранешен раководител на одделот за превенција на регионот Пиемонт.  Според него, здравствениот сектор реагирал на врвно ниво, но бројот на болни истовремено бил зачудувачки неверојатен.

„Каков ќе биде односот на умрените во однос на заразените пациенти ќе можеме точно да процениме само по крајот на епидемијата. Во моментов можеме да анализираме повеќе фактори. Би можело да се каже дека вирусот се рашири во Северна Италија од јануари, а бројот на заразени е многу повисок од бројот искажан во секојдневните билтени. Но мора да се разгледа и процени и можниот различен начин на којшто другите земји го одредуваат односот меѓу заразеноста и смртноста. Италија има прилично старо население, па според тоа, лицата на возраст од седумдесет години, а особено тие со повеќе патологии, се секако најизложени на ризикот од развивање симптоми и патолошки форми од кои е тешко да се излезе и да најде спас. Одделите за реанимација реагираа на врвно ниво, но бројот на заболени во исто време беше зачудувачки неверојатен.

На прашањето како Италијанците се справуваат со оваа состојба тој вели – со дух на соработка, со неминовност и со фаталност.

„Сега засега, мислиме дека ќе излеземе од оваа криза, а за потоа, ќе видиме“, вели Фавила.

Според Фавила неизбежно е да се каже дека здравствениот систем на северот од Италија е меѓу првите во светот според квалитетот на пружените услуги, но исто така дека тој, во првата фаза, се соочил со сериозна криза поради приемот на огромен број пациенти упатени за оделите за реанимација, кои пак не располагале со толку голем број болнички легла и со доволен број респиратори за интензивна нега кои би биле доволни за сите пациенти, а ниту со соодветни структури за запирање и ставање под контрола на инфекцијата.

„Едноставно, сето тоа не им овоможи на тие оддели да се справат со ваков настан. Но, сепак, сѐ уште огромната распределба и посветеност на медицинскиот и болнички персонал, па дури и екстра болничкиот, можноста да се распоредат и организираат оперативни простори кои постојано се пренасочуваат и адаптираат според степенот на итност, расположливоста со нови структури, со други доктори и разни машини, помага многу. Но, сепак, сакам да нагласам дека најголемата помош ќе ја добиеме само од социјалната изолација“, вели Фавила.

Помошта што ја добила земјата од надвор не е импресивна со оглед на обемот на заразата и последиците. Според она што се знае јавно, досега медицинска помош стигнала најмногу од Кина, Русија, Куба и Албанија.

„Франција нѐ снабди со маски, а во Германија  во моментов се лекуваат десетици пациенти на интензивна нега. Но, не исклучувам дека ќе добиеме помош од други земји“, посочува епидемиологот.

На прашањето од што во моментов најмногу стравуваат Италијанците, тој лично посочува на можноста да се кренат раце од мерките за да се спасува економијата.

„Лично, најмногу се плашам од прераното олеснување и попуштање на мерките за изолација, во интерес на спас и закрепнување на економијата, којашто се наоѓа во крајни услови на болка и страдање. Сите ние се плашиме за иднината, затоа што ваква ситуација во глобализираниот свет не само што не беше замислива, туку не беше ни предвидлива“, вели Фавила.

Во моментов, според него, мерките во голема мерка се почитуваат од граѓаните, иако надвор од земјата владее друг впечаток.

„На северот од Италија, каде што трагедијата е неизмерлива и сите нас непосредно нѐ засега, сите строго се придржуваме до мерките за изолација, па дури и најмладите ревносно ги следат правилата. На југот од земјата, каде што, за среќа, штетата од вирусот Ковид-19 19 засега, а се надевам и во иднина, не е толку драматична, вестите потврдуваат дека, освен што задоцни некоја мерка и што мал број на лица беа казнети заради нивно прекршување, населението покажува голема зрелост и одговорност.

Општата клима во Италија во моментов е сите сили да се фокусираат кон спасување на животите и помагање на здравството, а евентуалните грешки или пропусти да се бараат после, кога ќе заврши кризата. Адвокатка од Бергамо, која сакаше да остане анонимна, верува дека бројките ќе беа различни ако навреме биле преземени мерките во Италија.

„Беа направени многу грешки, пред сѐ во Бергамо. Политичарите во Бергамо имаа целосни овластувања и законска моќ без да чекаат дозвола од владата, да ги изолираат двете села кои беа жариште, или барем да го изолираат, односно блиндираат целиот град Бергамо, со итни, вонредни и соодветни мерки. Но, тие тоа не го сторија. Дури има и видеоснимка од пред неколку седмици како градоначалникот Гори ги поттикнува сите граѓани од Бергамо и околните градови, села и населби да се собираат во градот, по рестораните, по кафулињата за викендите, при што им нуди бесплатни автобуси за да дојдат во градот.Тоа беа тешки грешки на банализација и релативизација. Дури и претседателот на регионот Ломбардија имаше законско овластување самостојно да издаде указ за затворање и прогласување на ‘црвена зона’‚ во градот Лоди, но ни тој не го стори тоа.

Освен тоа, се чини дека дури и познатите и богати ломбардиски претприемачи и славната Конфиндустрија Ломбардија не ги прифатиле апелите и притисоците за да прекинат со трговска активност во жариштата во тие зони, иако имаше голем број поединечни претприемачи кои ги применија мерките и затворија фабрики. А, да не заборавиме дека во Ломбрадија се наоѓаат најголемите индустриски центри на Италија. Требаше да се справат со таа состојба на поинаков начин. Многумина од нас веднаш ја сфативме сериозноста и опасноста на состојбата, но за жал бевме малцинство. Веќе се започнати и кривични истраги“, вели овој извор за „Независен“.

Ваквите реакции не се осамени. Како што пренесоа вчера медиумите, Лука Форести, експерт од миланскиот медицински центар „Сантагостино“, што е најважниот синџир на приватни клиники во Италија излезе исто така со пресметка дека бројот на луѓето што во таа земја се во допир со корона вирусот е многу поголем од тој што официјално се презентира и изнесува најмалку 11,2 милиони. Според него, се тестираат само луѓето што имаат потешки симптоми, но не и оние што се лечат дома или немаат знаци на болеста.    (Превод: Наташа Сарџовска)