Мас: Скопје и Атина покажаа дека се исплати конфликтите да се решаваат прагматично


Скопје и Атина покажаа дека се исплати конфликтите да се решаваат прагматично и да се работи на доверба на соседите, истакна германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас по состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите кои се дел од Берлинскиот процес што се одржува во Варшава.
Мас вели дека Западниот Балкан е од големо значење за Германија, која се залага за зајакнување на врските меѓу луѓето и економските простори во регионот, пренесува Дојче веле.
Помирувањето во регионот, според Мас, го попречуваат јазовите кои постојат во политиката и кои делумно сѐ уште го диктираат размислувањето, па со Берлинскиот процес, како што вели, се помага за надминување на тие јазови.
– Се залагаме за зајакнување на врските меѓу луѓето и економските простори во регионот преку поголема поврзаност. Скопје и Атина покажаа: се исплати конфликтите да се решаваат прагматично и да се работи на доверба на соседите. Ние во тој дел и натаму ќе пружаме поддршка, затоа што напредокот долгорочно ќе се исплати – за регионот на Западен Балкан и за Европа, нагласува шефот на германската дипломатија.
На состанокот во Варшава на кој учествува и министерот за надворешни работи на Северна Македонија Никола Димитров, се разговара за ситуацијата на младите луѓе на Западниот Балкан, посебно нивното учество на пазарот на труд.
Берлинскиот процес е заедничка иницијатива на 10 земји од ЕУ, шест држави од Западниот Балкан и Европската комисија, за поддршка во процесот на евроинтеграции на зњмјите од регионот и за интензивирање на регионалната соработка.