Мас порача: Германија ќе се заложи за Македонија да добие датум на следниот Самит


Министерот за надворешни работи на Германија, Хајко Мас, во денешната посета на Скопје ја охрабри земјата да продолжи со реформите во правдата, борбата против корупцијата и враќањето на правната држава, за што вети целосна поддршка и помош на Берлин.

Мас истакна дека неговата земја не е задоволна со одлуката на Европскиот совет на самитот во Брисел кога не беше постигнат консензус за одобрување на почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, но уште еднаш потенцираше дека Берлин ќе инсистира тоа наскоро да се промени.

„Не сме задоволни од одлуката на Европскиот совет, но не се откажуваме, на следниот Совет Германија ќе се заложи Македонија да добие датум за старт на преговори. Може да се потпрете на Германија“, порача Мас, кој вели дека со својата посета покажува колку Македонија и е важна на Германија.

Германија останува на ставот дека Северна Македонија и Албанија заслужуваат датум за започнување на пристапни преговори со ЕУ, независно од промените за методологијата за зачленување иницирани од Франција.

„Никој во ЕУ не ја оспорува европската перспектива на Северна Македонија. Сега останува да ја искористиме помошта за Северна Македонија и за иднината. Тука влегува и нашата билатерална помош која сакаме да ја прошириме. Нашата порака е јасна: дозволете ни заедно да чекориме на овој пат! Ви стоиме на располагање.”

Шефот на германската дипломатија денеска откри дека официјален Берлин се уште чека на предлозите на Франција за реформа на методологијата на преговарачкиот процес со ЕУ.

„Има дискусии. Тоа го кажа и францускиот претседател. Првата работа е постапката за пристапниот процес, јас се уште немам предлог кој што е готов. За германската влада е значајно со предлозите со кои се менува пристапниот процес да не се менува нешто клучно. Тоа се однесува и на Северна Македонија и на Албанија“, рече Мас.

Германскиот министер вети засилена билатерална поддршка за Северна Македонија од неговата земја во наредниот период која ќе се насочи во правец на подобрување на владеењето на правото и борбата против корупцијата.