Мартенс: 75 отсто од германските фирми во Северна Македонија повторно би инвестирале тука


Зголемувањето на платите е можно само со паралелно зголемување на продуктивноста: Патрик Мартенс

 

Вкупно 75 отсто од германските фирми во земјава, повторно би инвестирале тука, покажуваат најновите анализи на Делегацијата на германското стопанство.

Според директорот на Делегацијата, Патрик Мартенс, шансите за Северна Македонија се во металната, дрвната и прехранбената индустрија, во земјоделството, текстилот и чевларската индустрија, како и во ИТ секторот.

-Најголемиот дел од германските фирми се лоцирани во слободните зони и според анкетите, 75 отсто од нив повторно би инвестирале тука. Значи се задоволни, истакна Мартенс на Македонско-германскиот форум што го организираа денеска Фондацијата Конрад Аденауер, Делегацијата на германското стопанство и Институтот за демократија.

Мартенс се осврна и на предизвиците, напоменувајќи дека и натаму, клучни се корупцијата, како и бавните административни постапки, но и правните реформи, дополни, се важни.

-Во последните 10 години, Северна Македонија има изгубено и многу луѓе. Сите тука што инвестираат може да бидат успешни само ако има луѓе, рече директорот на Делегацијата.

Сепак, во моментов, заклучи, енергетската криза е најголемиот ризик за стопанството.

-Фирмите, за разлика од граѓаните, ќе мора да ги добијат цените на енергијата на слободниот пазар, тоа се однесува и на Европа и на Германија. Тоа е огромен проблем. Се уште не знаеме како фирмите ќе ја поминат оваа зима, подвлече Мартенс.

Тој во обраќањето на форумот ја потенцира и потребата од забрзување на процесот на декарбонизација.