Марта Кос: Ќе направам сѐ билатералните прашања да не останат трајна пречка за ЕУ
Кос се наврати на војните во бивша Југославија нагласувајќи дека нејзин сон сега е сите земји од регионот да бидат интегрирани во ЕУ
Новата еврокомесарка за проширување Марта Кос на конференцијата организирана од „Пријатели на Европа“ во Брисел порача дека ќе направи сѐ што може билатералните прашања да не станат трајна пречка на патот кон ЕУ за земјите од Западен Балкан.
„Живееме во историски момент. За првпат има реалистична перспектива да доведеме до завршната линија една или повеќе земји во ЕУ за време на мојот мандат“, рече Кос.
Таа се наврати на војните во бивша Југославија нагласувајќи дека нејзин сон сега е сите земји од регионот да бидат интегрирани во ЕУ и да ги види како исчезнуваат границите и билатералните тензии од минатото.
„Ќе направам сѐ што можам билатералните прашања да не станат трајна пречка на патот кон оваа заедничка иднина“, порача Марта Кос.
Таа нагласи дека на средбите со лидерите од земјите од Западен Балкан претходните два дена им порачала дека може да сметаат на неа како на член на тимовите што ќе работат на нивното приближување кон ЕУ.
Кос нагласи дека не е само прашањето кога ЕУ ќе прими нови членки, туку и што можат да направат кандидатите за членство за посилна и побезбедна Европа, нагласувајќи дека процесот на проширување ќе остане базиран на заслуги и остварување, пред сѐ во однос на владеењето на правото.
„Но, ако кандидатите за членство испорачаат, тогаш сакам да бидат наградени за тоа“, додаде Кос, потенцирајќи дека новата Европска комисија е комисија на проширување.
Според неа, во Брисел постои единство кога станува збор за изградбата на поголема и посилна Европа, но потребно е такво единство и посетеност да покажат и земјите кандидати за членство, за што е потребно соработка меѓу властите, опозицијата, граѓанскиот сектор и сите сегменти на општествата.
„Ќе биде потребна многу техничка работа што ќе треба да ја завршиме заедно, но сакам да ве уверам дека проширувањето не е технички процес“, рече Кос, додавајќи дека сето она што се прави во процесот на проширување е во интерес на луѓето.
Запрашана за билатералните сопки таа рече дека ќе направам се што е можно да не дозволи тие да влезат во преговарачкиот процес.
„Не бевме 100 проценти успешни во тоа. Затоа ја гледам мојата улога и да помогнам да се решат проблемите, кои се многу поврзани со историјата, а кога се поврзани со историјата не е се рационално, туку се работи за емоции, за психологија, а тоа е многу тешко да се контролира“, изјави Кос.
Таа изјави дека ќе работи и на помирувањето меѓу земјите, што според неа е многу важно, но оти знае дека тој процес не оди брзо.
Окиолу терминот „до линија на целта“ , што го употреби место прием во ЕУ, Кос појасни:
„Не реков во ЕУ, бидејќи тоа е нешто што не можам да го ветам. Но заедно со мојот директор на директоратот ние може да доведеме земји до линијата на целта и тој дел е врз основа на заслуги. Тоа е што се однесува до нас. Но, да, во право сте. За целиот преговарачки процес потребни се 150 едногласни одлуки во Советот. И затоа секогаш кога зборувам за проширувањето велам дека ние треба да се движиме паралелно“, изјави Кос.
Таа смета дека треба да се работи и со земјите-членки и со земјите-кандидати за подобро да сфатат кој е бенефитот од проширувањето и за подобро да се запознаат, за што таа најави дека со нејзиниот тим ќе работат на таква комуникациска кампања и во едните и во другите земји.
Генералниот директор на Генералниот директорат за соседство и преговорите за проширување на Европската комисија, Герт Јан Копман, пак, оцени дека кога станува збор за процесот на проширување во ЕУ се враќа „духот на 2004 година“, кога во Унијата беа примени 10 нови членки, процес кој стана познат како „големо проширување“. Според него, во такви услови и со новата Европска комисија, следната година во голема мерка ќе биде посветена на проширувањето.
Пријатели на Европа е тинк-тенк организација со седиште во Брисел за анализа и дебата за политиката на Европската унија.