Марш за женски права: Нула починати родилки! Нула силувани жени! Не отстапуваме!


Фото: Б. Грданоски

На Меѓународниот ден на жената 8 Март, жените од Македонија порачаа дека не отстапуваат од борбата за своите права. Не сакаат со правата на жените да се калкулира во политички предизборни цели. Исто така, сметаат дека животот на жената треба да се цени, па затоа целта им е да има нула силувани жени и нула починати родилки. 

– Мојата црвена линија е за општество коешто препознава насилство, мојата црвена линија е за нула силувани жени, мојата црвена линија е за сите насилници да одат во затвор и да бидат правилно санкционирани, мојата црвена линија е за нула родилки починати за време на пораѓај. Ова се основните црвени линии преку коишто не прегазуваме и воопшто не преговараме. Денешниот марш е за еднаквост и рамноправност кон сите жени и за сите еднакви плати, еднакви можности и за вработување, рече Ана Аврамоска Нушкова од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

На маршот за женски права „Црвена линија: Правата на жените не се за преговарање!“ во организација на Платформата за родова еднаквост беше порачано и дека минатата година бевме сведоци на вознемирувачки тренд, ерозија на правата на жените и нивно континуирано исклучување при креирањето и донесувањето на одлуките кои директно влијаат на нашите животи.

Жените категорично одбиваат да ја прифатат оваа реалност.

„Правата на жените не се за преговарање. И нема да дозволиме истите да се злоупотребуваат и користат во политички и партиски предизборни ветувања“, рече една од говорничките. 

Маршот годинава тргна од плоштадот „Скендербег“, па продолжи пред зградата на Владата, потоа до Собрание и заврши во паркот „Жена – борец“.