Мароко, Шпанија и Португалија поднесоа заедничка кандидатура за СП2030


Мароко– Мароканскиот крал Мохамед VI официјално ја објави заедничката кандидатура на Мароко, Шпанија и Португалија за организација на Светското фудбалско првенство во 2030 година.

„Објавувам пред вашето собрание дека Кралството Мароко, заедно со Шпанија и Португалија, одлучија да поднесат заедничка кандидатура за домаќини на СП 2030“, наведе мароканскиот крал во пригодна порака која ја прочита министерот за национално образование и спорт, Шакиб Бенмуса, во Кигали, каде утре ФИФА ќе го одржи својот 73. Конгрес.

Оваа заедничка кандидатура, без преседан во историјата на фудбалот, ќе биде спој меѓу Африка и Европа, меѓу северот и југот на Медитеранот, како и меѓу африканскиот, арапскиот и евро-медитеранскиот свет, истакна во пораката кралот на Мароко.

Ова е втора официјална кандидатура за организација на Мундијалот 2030, откако тоа на почетокот на февруари заеднички го сторија Аргентина, Чиле, Парагвај и Уругвај.

Се претпоставува дека заедничка кандидатура за организација на СП 2030 би можеле да поднесат и Египет, Грција и Саудиска Арабија.

Следното СП во 2026 година заеднички ќе го организираат САД, Мексико и Канада.