Марлен Дитрих беше пред своето време, вели Мирјана Карановиќ пред премиерите во Скопје и во Битола
Гостувањето на легендарната српска актерка Мирјана Карановиќ (67) во улогата на контроверзната фaм фатал Марлен Дитрих во Македонија предизвика огромен интерес во јавноста и културната фела.
Пред премиерата во Скопје на 4 март, во МНТ, претставата “Марлен Дитрих- 5 точки од обвинението“, на Сараевскиот народен театар, на лично барање на една од најголемите југословенски актерки, Мирјана Карановиќ, ќе гостува и во Битола, на 3 март во Центарот за култура. Гостувањата во Македонија се во организација на Авалон продукција.
Претставата во режија на Харис Пашовиќ, еден од највлијателните драматурзи и режисери во Југоисточна Европа, ја имаше својата меѓународна премиера на италијанскиот фестивал ,,Mittelfest”.
Покрај тоа што беше актерка, Марлен Дитрих беше социјално и политички ангажирана. За Мирјана Карановиќ, портретирањето на ликот на таква жена било изненадување, но на актерката и се допаѓале ваквите предизвици.
„ Јас Марлен Дитрих секогаш ја доживував како некој свој современик, како жена во која ги препознав вредностите кои ги усвоив и практиткував уште во младоста. Со текот на годините сфатив дека таа историски живееше во едно друго време и дека по тие нејзини ставови и начин на размислување беше пред своето време, дека беше поинаква“, изјави Карановиќ за „Тера“.
Гостувањето во Македонија за неа значи многу.
„Секогаш се радувам кога играм пред некоја друга публика, од некој друг град или држава. Тоа и за претставата е некој вид на тест, предизвик, но и радост. Тоа не поттикнува да ја играме претставата со некоја посебна енергија. Веќе бевме на едно гостување и еве сега доаѓаме во Македонија“.
Мирјана Карановиќ, која е и филмска режисерка и сценаристка, се смета за една од најдобрите српски и југословенски актерки на сите времиња. Меѓу другото, доби номинација за Европска филмска награда за најдобра женска улога за филмот „Грбавица“.
Дебитираше во 1980 година со насловната улога во филмот Петриjин вјенац на Срѓан Карановиќ. Таа е најпозната на меѓународната публика по улогата на мајка во филмот на Емир Кустурица „Татко на службен пат“.