Марковски за Вардариште: Ќе изумреме како диносауруси!


Граѓаните блокираат и протестираат , а депонијата Вардариште и денеска гори ! Доста е !  – порачаа денес од граѓанската платформа „Независни заедно“ околу кризата што неколку дена трае околу депонијата.

„Ќе изумреме како диносаурусите, ако не се справиме со загадувањето“, порача Горан Марковски, кандуидат за градоначалник на Град Скопје кој одржа прес конференција со носителката на кандидатската листа за советници , Јана Белчева Андреевска. 

Тие потенцираа дека денеска се таму за да покажат солидарност со сограѓаните кои се најзасегнати со проблемот на Вардариште. И дека овој проблем иако наследен од минатото, ќе биде нивна обврска во градот Скопје.  Марковски истакна дека решението кое долго време се игнорирало мора да биде стручно. 

„Не се преземени никакви стручни мерки за тоа што ќе се прави со гасовите коишто се ослободуваат од распаѓањето на ѓубриштето. Во околу ѓубриштето има голема количина на метан. Метанот е лесно горлив материјал и мала искра предизвикана од било што може да предизвика пожар. Ние сме за трајни решенија коишто ќе им овозможат на скопјани да дишат нормално, особено на оние наши сограѓани кои живеат во околината на Вардариште. Постојат методи, стручни методи денес и многу актуелни. Постои можност оваа енергија којашто денес ни создава проблем да ја искористиме и за производство на електрична енергија. Само треба знаење, одговорност и секако независност,“ вели Марковски. 

Тој порачува дека за да се реши проблемот со депонијата постојат неколку пристапи. 

„Едниот пристап е да со помош на одредени цевки се собере метанот и потоа се одлучува што ќе се прави со него. Тој меѓу другото може да се користи и за производство на електрична енергија. Постојат и други методи коишто се веќе применети на над 200 локации во Европа.“ 

Јана Белчева Андреевска потсети дека за депонијата има многу стручни насоки како да се тргне од листата на црни точки на градот кои досега се игнорирани.  

„Ако се следеле чекорите само со спроведуваме на ЛЕАПот: како чистење на дивите депонии, рекултивација на Вардариште според стручните студии, модернизација на системите за исцедок и гас, и зајакнување на селекцијата и рециклирањето, веќе ќе имало резултати. Затоа, основа за нашето работење нема да бидат нови стратешки документи, туку исполнување на усвоените планови, и усогласување со безбедносните стандарди за заштита“, рече Јана Белчева Андреевска. 

Белчева Андреевска смета дека планот за решение истовремено треба да е реален и модерен: од тоа да се затвори просторот за диво депонирање, да се воведе 24/7 периметарска контрола со видео-аналитики и препознавање регистарски таблички, а преку термални камери и дронови со термални и спектрални сензори да ги откриваме жариштата и новите истурања уште во зародиш. Податоците би се интегрирале во единствен систем со јасни индикатори и јавна отчетност. 

„Нам сојузници во овие напори мора да ни бидат граѓаните кои се будни, свесни и бараат промени и ќе го дадат гласот за оние кои веќе биле активни, и ќе продолжат да работат за јавниот интерес – а тоа е чист воздух и здрава животна средина“, вели Белчева Андреевска. 

„Независни заедно“ е широка граѓанска платформа која ги обединува независните советници и локални иницијативи од неколку скопски општини-„Шанса за Центар“, „Зелените за Гази Баба“ и „Групација 389“. Покрај град Скопје, платформата веќе објави дека цели на победа во општина Центар каде ќе ја поддржи кандидатурата на истакнатата антикорупционерка Билјана Ивановска.