Марковски: Немам информации врз основа на што е пуштен во употреба мостот „Беласица“


Фото: Б. Грданоски

 

Градежниот факултет и неговиот декан, професорот Горан Марковски, немаат добиено никакви информации врз основа на што мостот „Беласица“ е ставен во делумна употреба.

Марковски вели дека заради тоа што нема подетални информации, не може да даде прецизна изјава дали мостот е безбеден за сообраќај или не.

– Во однос на мостот „Беласица“ и безбедноста за негово користење, досега имам во јавноста излезено со многу изјави. Сметам дека мојот став во однос на потребата од продлабочени и пообемни испитувања за утврдување на неговата состојба е наполно јасна. Ниту јас, ниту Градежниот факулетет имаме информации врз основа на што е донесена одлука за негово пуштање, односно негово делумно пуштање во употреба – рече Марковски, прашан за состојбата на мостот, на денешната конференција по повод 20. Меѓународен симпозиум на Друштвото на градежни конструктори на Македонија насловен „Отпорни конструкции“.

Инаку, мостот „Беласица“, во мај годинава, гореше, односно се запалија цевките кои вршат пренос на топлинска енергија под него, а конструкцијата на мостот беше изложена на висока тепмература подолго време. Веднаш по гасењето на пожарот, мостот беше вон употреба, а неколку месеци се вршеа испитувања за да се открие дали има оштетувања, кои може да наштетат на статиката на мостот.

На почетокот од овој месец, Градот Скопје, под чија надлежност е одржувањето на мостот, дозволи движење на возила по мостот, но само по надворешните ленти од двете страни.

Во меѓувреме, ЕСМ треба да постави нови цевки од топловодот, на местото на опожарените, но и тоа не се случува, затоа што се чекаат дозволи од градот. Исто така се чека тој да биде саниран од долната страна, за да можат да се постават цевките, кои подолго време чекаат под мостот. Иако ЕСМ изразува спремност тоа да го направи многу брзо, откако Градот ќе дозволи, од градската администрација молк. Паралелно со овој градежен зафат, се најавува зголемување на цената на парното за скопјани, доколку не се постават цевките, што значи дека заради тоа нема да може да биде искористена топлинската енергија од „ТЕ-ТО“. Грејната сезона започнува на 15 октомври.