„Марковски компани“ работи во РЕК „Битола“ со сите власти, уште од 2012 година
Ќе пропадне ли компанијата „Марковски компани“ ако не се тендерите во РЕК „Битола“? Ова е прашањето кое бизнисмени од Битола го поставуваат како контра прашање доколку ги запрашате каков статус има компанијата во градот и меѓу бизнис фелата во Битола.
Друштвото за трговија производство и услуги „Марковски компани Борче“ ДООЕЛ увоз извоз Битола, чии сопственик е битолчанецот Борче Марковски, формирана во декември 2002 година, за цело време се поврзува само со работата или поточно кажано со тендерите во РЕК „Битола“, велат бизнисмени со кои разговараше „Независен“.
Марковски од 2016 година е почесен конзул на Белорусија во нашата земја, тој не се појавува ни на настаните поврзани со конзулската традиција во Битола, и остава впечаток на фамозен бизнисмен.
И покрај тоа што има голем дел од фирмите во Битола што се потпираат на тендерите во РЕК „Битола“ и така опстојуваат, сепак ниту една од нив не зависи само од еден субјект, велат познавачите на бизнис состојбите во градот.
„’Марковски компани’ се доживува како фирма која е поврзана само со РЕК ‘Битола’, Независно која партија и влада е на власт таа функционира само на тој начин. Ја нема на друг начин и со други бизнис активности, или можеби ние како јавност тоа не го знаеме. Значи таа е фирма дистанцирана цело време од деловни активности, учество на бизнис средби во градот. Едноставно, никаде ја нема. Не знаеме ни дали воопшто соработува со други фирми од Битола“, велат бизнисмени од градот, познати на редакцијата.
Граѓански активисти од Битола кои често соработуваат со фирми од градот и градат доверба во заедницата, запрашани за општествената одговорност на „Марковски компани“ во Битола велат дека таа е исклучок од бизнис фелата.
„Често во разговор констатираме дека и покрај што ‘Марковски’ врти милиони во евра, пари кои ги прави од РЕК ‘Битола’, не се сеќаваме дека покажале општествена одговорност. Најголем дел од големите фирми во градот ѝ враќаат на заедницата со донации, со видливи проекти, овде нема видливост“, велат познати граѓански активисти од градот во разговор за „Независен“.
„Марковски компани Борче“ според познавачите на состојбите во градот маратонски пливаше и сѐ уште плива и со владата на ВМРО-ДПМНЕ во времето на Никола Груевски и со владите на СДСМ, на Зоран Заев и Димитар Ковачевски, и сега кога премиер е Христијан Мицкоски.
Она што може да се најде од податоците од Централен регистар „Марковски компани Борче“ има кредитен рејтинг А+, компанија која не покажува знаци на ризичен бизнис во иднина. Во 2023 година имала вкупен приход од 2,8 милијарди денари и вкупно сеопфатна добивка за годината од 822 милиони денари.
Неделникот „Фокус“ во 2021 година објави дека – „Оваа фирма доживува подем во 2012 година, кога почнува да добива тендери. Финансиските извештаи на друштвото покажуваат дека компанијата во 2011 година остварила приходи од 2.722.500 евра и имала 61 вработени, но веќе во следната година остварува двојно повеќе приходи (4,2 милиони евра), но и вработува речиси двојно повеќе луѓе (104).
Ваквиот нагорен тренд продолжува и во следните неколку години. Имено, „Марковски компани“ во 2013 година остварува приходи од речиси 11 и пол милиони евра и профит од над 5 милиони евра, а во 2014 година вкупните приливи изнесуваат речиси 14 милиони евра, а профитот безмалку 7 и пол милиони евра. Всушност, голем дел од приходите се резултат на соработката со ЕСМ/ЕЛЕМ и работата во РЕК ‘Битола’“.
„Марковски компани“ во 2022 година била на трето место од првите десет компании во државата со најголема вредност на јавните набавки. Според податоците компанијата имала 11 договори со вкупна вредност од 24.694.559 евра, односно удел во вкупните набавки во земјата од 2,22 %.
„На врвот е компанијата која продава електрична енергија ‘Енерџи деливери солушнс’ од Скопје, која во 2022 година има склучено 241 договор со институциите на централно и на локално ниво, и тоа во вкупна вредност од 50,3 милиони евра. Следен е трговецот со нафтени деривати „Пуцко петрол“ од Пласница, кој има 413 договори во вредност од околу 50 милиони евра. На трето место е ‘Марковски компани Борче’ ДООЕЛ Битола, кои сите договори ги склучиле со АД Електрани изнајмувајќи им машини и работници за 25 милиони евра“, стои во анализата од мониториногот на јавните набавки објавена од Центарот за граѓански комуникации.
И покрај тоа што ВМРО-ДПМНЕ жестоко ја критикуваше и објавуваше наводни скандали околу склучените договори со ЕСМ и сега, по смената на власта, „Марковски компани Борче“ продолжува да добива тендери во РЕК „Битола“. Минатиот месец „Марковски компани“ доби нов договор вреден над еден милион евра, за ангажман на работна рака за машински интервенции во наредните 12 месеци во РЕК „Битола“. Медиумите објавија дека според новиот договор, компанијата на Борче Марковски ќе наплаќа 582 денари од час за бравари и 614 денари за заварувачи. Сепак, договорот е рамковен, односно сумата ќе ѝ исплати само доколку има потреба од нејзина услуга. Лани, на формата ѝ беше доделен тендер од 25 милиони евра за ископ на јаловина. А само оваа година, доби тендер од 46 милиони евра за ископ на јаглен.
Познавачите на бизнис приликите во градот велат дека на „Марковски компани“ секогаш ѝ успева да понуди најниски цени за тендерите објавени за РЕК „Битола“.
„АД ЕСМ работи исклучиво според законите и нема намера да врши политичка селекција на фирми кои учествуваат во сегментот јавни набавки. Секоја фирма и потенцијален оператор што се јавува на распишаните јавни повици е и ќе биде предмет на детална проверка, согласно Законот за јавни набавки и според утврдените критериуми и правила за учество“, стои во одговорот од АД ЕСМ даден за медиумите откако „Марковски компани“ на 10 октомври склучила рамковен договор со РЕК „Битола“ од еден милион евра, за работна рака за тековни машински интервенции.
Инаку од пред еден месец РЕК „Битола“ ја вклучи во работа сопствената механизација, па на терен се булдожери, камиони, утоварачи, ровокопачи. (Независен)