Марковска: Добро е учениците да учат и македонски и албански јазик

Со последните понудени реформи во основното образование од шесто одделение македонските ученици ќе имаат можност како дополнителен, изборен предмет да изберат изучување на албанскиот јазик.

– Добро е тоа. Треба да се изучува албанскиот јазик, затоа што ние живееме заедно со албанската заедница и треба да го зборуваме нивниот јазик. Секако, и албанските ученици во Македонија, мора да го изучуваат македонскиот. Што еќ одиме по некакви курсеви, подобро тоа да го правиме низ образовниот систем – вели Ѓулистана Марковска, поранешна пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Според неа, дури и да е задолжително изучувањето на албанскиот јазик, учениците може само да добијат, а не да изгубат.

Од свое искуство, зборуваше дека секаде каде се аплицира за работи, или пак, многу често се бара познавање на јазикот на заедниците, или пак, оние кои го знаат, имаат предност во вработувањето.

Смета дека изучувањето јазици во денешно време е голема предност.

Во однос на најновата реформа во образованието која се предлага, таа забележа дека повторно се прави на ист, погрешен начин, како многупати досега. Имено, вели Марковска, прво нудат решение, а потоа отвораат јавна дебата.

– Како може да правиш реформа ако не ги прашаш најзасегнатите. Во случајов, наставниците, професорите, учениците, родителите…- вели Марковска во „Само вистина“.

Таа додаде, дека да не беше корона пандемијата, истото ќе нѝ се случуваше и со реформата во здравствениот систем. Никој никогаш не ги прашал лекарите што треба да се промени во здравствениот систем, а речиси сите влади претходно го реформираа здравствениот ситем, заклучува таа.