Марковиќ: Црна Гора нема да ги прекине дипломатските односи со Русија


Црногорскиот премиер Душко Марковиќ изјави дека неодамнешната пресуда за обид за тероризам на денот на парламентарните избори во 2016 година, нема да ги загрози мирот и стабилноста во Црна Гора. Тој, исто така, потенцираше, дека официјална Подгорица поради тој случај нема да ги прекине дипломатските односи со Русија.

Изјавата на Марковиќ е одговор на пратеничко прашање за односите со Русија по донесената пресуда.

– Ако судот пресудил дека Русија со своите безбедносни слижби сакала да го убие премиерот на Црна Гора, зар нема да ги прекинете дипломатските односи со Русија? Вие, со оваа пресуда одредивте дека Русија е непријателска држава кон Црна Гора и тогаш, согласно тој правосуден факт, треба да се однесувате и на политичко ниво, односно да ги прекинете дипломатските односи со Русија, оцени пратеникот од опозицискиот Демократски фронт Небојша Медојевиќ.

Но Марковиќ објасни зошто Црна Гора нема да постапи така.

– Го превидовте фактот дека во обвинението се поранешни агенти, а не оние кои сега работат во тие служби. Исто така, никаде не стои дека руски органи учествувале во обидот за убиство на тогашниот премиер Мило Ѓукановиќ. Владата нема да ги прекине односите со Руската федерација, туку трпеливо ќе работи да ги подигне на повисоко ниво, потенцираше црногорскиот премиер.