Маркетите и аптеките од петок со обврска да ги објавуваат цените онлајн

Од петок, сите маркети, аптеки и продавници за техника и мебел ќе мора да ги објавуваат цените на своите производи на официјална веб-страница.
Од петок ќе нема повеќе „оди провери во другиот маркет, можеби е поевтино“. Наместо со шетање, од дома ќе може да провериме каде е најисплатливо да пазаруваме. Трговците на интернет ќе мора да ги објават цените на сите производи.
Цените мора да бидат јавно достапни на официјалната веб-страница.
Од оваа обврска ослободени се само микро-трговците и трговците поединци. Според Законот за трговски друштва, доколку субјектот брои до десет вработени и во секоја од последните две пресметковни години или во првата од работењето остварил бруто-приход до 50.000 евра, спаѓа во категоријата на микротрговец. Тие не се обврзани да објавуваат цени, согласно измените на Законот за заштита на потрошувачите.
Цените ќе се ажурираат дневно, со што потрошувачите во реално време ќе може да споредуваат. Очекувањата се дека на овој начин ќе се зголеми конкуренцијата и цените дополнително ќе се намалат.