Марк Карни денеска се обраќа пред Европскиот парламент
Стразбур – Канадскиот премиер Марк Карни денес ќе се обрати пред Европскиот парламент откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека доделувањето статус на придружна членка на Канада на ЕУ може да биде „непријателски чин“, објавија американските медиуми.
Коментарите на Трамп го зголемија значењето на говорот на Карни, кој ќе се следи за знаци дали премиерот ќе упати уште една остра критика слична на неговиот говор во Давос во јануари, кога предупреди дека големите сили како САД би можеле да ја искористат економската зависност за да извршат притисок врз помалите земји.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, вчера предложи Канада да стане првата придружна членка на ЕУ, сензационален предлог во време кога заканите на Трамп ја туркаат Отава кон поблиски врски со Европа.
Зборувајќи во Шарлот, Северна Каролина, Трамп се закани дека ќе одговори на предлогот со воведување дополнителни царини на ЕУ.
Трамп ја поврза својата најнова закана со „намерите“ на европските лидери, велејќи: „Ако намерата е добра, тоа е добро. Ако е лоша, ќе ставиме многу високи царини на Европа“. Тој, исто така, посочи дека САД би можеле да ја прекинат трговијата со Европа во одредени области.
Трамп ја нарече можноста Канада да се приклучи на ЕУ „смешна“, а северниот сосед го оцени како „ужасен трговски партнер“.