Марјан од „ДоказМ“ не призна вина, бил обвинет за вербален деликт
Марјан Стаменковски не мисли дека направил некакво кривично дело со она што го објавуваше на неговиот портал „ДоказМ“, туку дека тврдењата на обвинителството биле биле враќање на вербалниот деликт. Тоа го соопшти адвокатот на Стаменковски, Коста Најков, по денешното рочиште на кое се изведуваат докази. Тој е убеден дека неговиот клиент Стаменковски ќе добие ослободителна пресуда бидејќи не сторил никаква уцена.
„Бидејќи станува збор за скратена постапка, доказната постапка продолжи со испитување на оштетените, тоа значи дека обвинетиот не призна вина и смета дека не е виновен, дека овде се работи за вербален деликт, а не и за кривична одговорност. Се надеваме дека во текот на постапката тоа ќе го докажеме. Нашите очекувања се дека на крај ќе успееме да добиеме ослободителна пресуда, бидејќи ова обвинение значи враќање на вербалниот деликт на мала врата. Без разлика на она што го пишувал Марјан или дали тоа на неколку му се допаѓа или не, тука разговараме за кривична одговорност, односно дали има или неа“, вели адвокатот Коста Најков.
Адвокатот нема информација за вториот предмет кој се води против Стамнековски.
На денешното рочиште сведочеа двете новинарки од „Фокус“, Валентина Вурмо и Ирена Мулачка, кои беа таргет на текстовите на Стамнековски, а во кои се содржеа лични навреди, обвинувања, омаловажувања. Судењето е зад затворени вработи, за да се заштитат жртвите.
Скопското Обвинителство поднесе обвинение против Стаменковски за кривично дело уцена, но и за две кривични дела – ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, едно кривично дело – пиратерија на аудиовизуелно дело и кривично дело – злоупотреба на лични податоци.