Марјан Нечак, режисер: „Девојчето со жиците“ го третира односот ќерка-татко


Претставата „Девојчето со жиците“, која е напишана од Марјан Нечак, Маја Хрговиќ и Ана Бунтеска за виолинистка која патува со воз низ Европа вечерва од 22 часот ќе биде одиграна на малата сцена на Националната опера и балет во рамките на Младински отворен театар. Претставата е во режија на Нечак, кој вели дека појдовната точка за приказната била Андерсовата „Девојчето со кибритчињата“. Претставата е во копродукција на словенечкиот национален драмски театар и „Подвижен музички театар“ од Битола.

– „Девојчето со кибритчињата“ ни беше како почетна точка од која развивме приказна која зборува за односот ќерка-татко, а кој е многу малку застапен во светската книжевност. Можеби уште поважно за местото на уметникот денеска кај нас и во Европа – вели режисерот Нечак пред вечерашната изведба на МОТ.
Според него, спојувањето на Драма Љубљана и неговиот „Подвижен музички театар“ создаде прекрасен спој на драма и современа опера.


– Актери кои се на високо професионално ниво кои првпат се впуштаат во ваков комплициран музичко-сценски проект каде што драмската и музичката интерпретација. Тие се преплетуваат и создаваат синтеза на еден специфичен стил на театар познат во Европа како музички театар – вели Нечак.
„Девојчето со жиците“ (2018) зборува за нестабилната економска состојба, но и за комплицираниот однос на девојчето со неуспешниот татко, потрагата да се најде своето место во модерна Европа. Сето тоа постепено прераснува во позиција на социјална ексклузија зацврстена со бодликава жица, ѕидови и генерални рестрикции.

Приказната е потсетник на позицијата на многу надарени индивидуалци, кои во моментов бараат засолниште за целосно да ги развијат своите потенцијали.
Годинава во мај на хрватскиот фестивал на драма „Денови на Марулиќ“, оваа претстава беше наградена со наградата „Марул“. Во „Девојчето со жиците“ настапуваат словенечките актери Барбара Церар, Урош Фурст и Бранко Штурбеј.

Билетите за вечерашната изведба може да се набават на билетарницата на Младинскиот културен центар или онлајн на bileti.mkc.mk.

Претходно, МОТ официјално ќе биде отворен со проектот „Оваа зграда зборува (на)вистина“ во 20 часот во Младинскиот културен центар. Овој театарски проекти чиј автор е Филип Јовановски беше награден на годинешното Прашко квадриенале со прва награда – „Златна Трига“. Влезниците за проследување на оваа претстава се бесплатни, но задолжително е да се резервираат поради организациските правила на фестивалот.

Ивана Настеска