Мариупол под постојанo дивјачко бомбардирање, утрово нападнато засолниште за цивилите

Жителите на Мариупол се носат во Русија против нивна волја, нешто што градоначалникот Вадим Бојченко го спореди со „ужасните настани од Втората светска војна, кога нацистите насилно заробуваа луѓе“


Југоисточниот град Мариупол е под постојана дивјачка опсада веќе неколку недели, а жителите се соочуваат со серијал од од смртоносни неиспровоцирани руски напади.  Утрово на мета на руските бомби беше уметничко училиште кое се користи како засолниште од граѓаните на Мариупол. Околу 400 луѓе биле засолнети во зградата, која била уништена во нападот. Информациите за жртви сè уште се нејасни, но луѓето остануваат заробени под урнатините.

Сè уште не е јасно исто така колку луѓе го преживеаја нападот на театарот во средата. Сателитската снимка објавена во саботата покажа дека две третини од зградата – која исто така се користела како засолниште – се целосно уништени. Театарот беше јасно означен со зборот „деца“ со големи руски написи видливи од воздухот. Проценките за тоа колку луѓе имало внатре во моментот на нападот се движат од 800 до 1.300.

Жителите на Мариупол се носат во Русија против нивна волја, соопшти во саботата Градскиот совет на Мариупол. Тие биле насилно однесени во кампови каде руските сили ги проверувале нивните телефони и документи, а потоа ги пренасочиле некои од жителите во оддалечените градови во Русија, соопшти Советот. Градоначалникот на Мариупол, Вадим Бојченко, ги спореди постапките на Русија со „ужасните настани од Втората светска војна, кога нацистите насилно заробуваа луѓе“.

Командант на украинската армија изјави за Си-Ен-Ен дека луѓето во Мариупол  ги ризикуваат своите животи секој пат кога излегуваат од подземните бункери и тврди дека стратешкото пристаниште се соочува со најинтензивните борби  во земјата. Мајорот Денис Прокопенко, од полкот на Националната гарда Азов, рече дека воздушните и копнените напади врз градот сега се речиси немилосрдни.  Прокопенко рече дека луѓето во градот не сакале да ги напуштат своите подземни засолништа за да добијат основни работи, што значи дека се обидувале да пијат помалку вода и да јадат помалку храна, а само излегле да подготват топли оброци. Основните услуги како гас, струја и вода, се надвор во градот. Телата се оставаат на улица затоа што или нема кој да ги собере, или едноставно е премногу опасно да се собираат.

 Според извештаите од внатрешноста на градот, комуникациите во опколениот град се отежнати со денови, а спасувачката работа е отежната поради опасноста од речиси континуирано гранатирање. Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека постојаниот руски напад врз Мариупол е „чин на терор“ што ќе се памети со векови. Во видео-пораката објавена на Фејсбук рано во неделата, украинскиот претседател рече дека Мариупол ќе влезе во историјата како пример за воени злосторства.

 Има спротивставени извештаи за статусот на еден од клучните индустриски капацитети во Украина – фабриката за челик Азов во Мариупол. Доцна во петокот, владин советник објави дека фабриката е во руски раце по тековските битки со украинските војници. Но, во ажурирањето во саботата, баталјонот Азов, кој има големо присуство во Мариупол, рече дека фабриката останува во нивни раце.

Руските војници исто така го запреле конвојот на автобуси кои патуваа за да ги евакуираат жителите на Мариупол. Според градскиот совет, конвојот се упатил кон Бердјанск од Запорожје за да ги земе жителите на Мариупол кои бегаат, но бил запрен од руските окупаторски сили во близина на селото Азовске, три километри од Бердјанск.Шефот на воено-граѓанската управа на Доњецк, Павло Кириленко, рече дека илјадници жители на Мариупол кои успеале да побегнат од руските бомби, гладуваат до смрт во окупираните Манхуши и Мелекин. Руските окупаторски сили одбиваат да обезбедат храна, вода и безбеден премин.

 Секретарот за одбрана на САД, Лојд Остин изјави вчера дека нема знаци за руски напад врз Одеса или други крајбрежни градови во „блиска иднина“. Тој рече дека САД не виделе ни докази за голем број странски борци кои им се приклучиле на руските редови. Остин сепак рече дека Русија продолжува да остварува „поголеми придобивки“ на југот на Украина со употреба на  „брутални, дивјачки техники“.

 Американските власти потврдија дека Русија лансирала хиперсонични ракети , што е прва позната употреба на такви ракети во борба. Русија тврди дека распоредила моќни хиперсонични ракети во петокот за да уништи складиште за муниција во западна Украина.

Руските бомбардирања врз цивили и во другите делови на земјата продолжуваат: Две деца и една жена загинаа во источниот град Рубижне, откако беа извлечени од урнатините на станбена зграда удирана од руската артилериска стрелба, соопшти службата за итни случаи. Во Киев, мајка го покрила своето едномесечно бебе со своето тело додека нивниот дом бил гранатиран, според Националната детска специјализирана болница Охматдит. Детето било неповредено, но мајката се здобила со повеќе повреди, соопштија од болницата.

Претходно во саботата, Зеленски му се обрати на швајцарскиот народ преку видео-врска, велејќи дека Швајцарија ги поддржува санкциите на ЕУ против Москва и ја повика Швајцарија да преземе дополнителни мерки против Русија.

„Ова значи многу за рускиот државен апарат, за луѓето кои се навикнати да мислат дека моќта се пари“, рече тој во пораката на Фејсбук. Тој рече дека ја повикал Швајцарија да преземе дополнителни чекори, како што е да се осигура дека швајцарските компании кои сè уште не го напуштиле рускиот пазар ќе го сторат тоа веднаш.

„Треба да не и дадат ниту долар, франк или евро на руската воена машина за убиство на нашиот народ. Така што сите оние кои се виновни за војната против нашата земја нема да можат да уживаат во животот во Швајцарија, швајцарскиот недвижен имот и швајцарските банки“, рече Зеленски.