Марио Драги претстави „Маршалов план“ за спас на Европа

Во долгочекуваниот извештај поранешниот италијански премиер наведува дека на ЕУ ѝ се потребни инвестиции од 800 милијарди евра годишно за да може да го држи чекорот со САД и Кина


 

Европската унија економски заостанува зад Соединетите Држави и треба да продолжи да издава заеднички долг за да ја подобри продуктивноста и да ја зајакне нејзината безбедност, предупредува Марио Драги во својот долгоочекуван извештај, нарекувајќи го „егзистенцијален проблем“.

На Унијата ѝ треба многу поголема координација во индустриската политика, побрзи одлуки и масовни инвестиции ако сака економски да држи чекор со ривалите како што се САД и Кина.

По успехот на историскиот план за закрепнување по ковид пандемијата ЕУ треба „да продолжи да издава заеднички должнички инструменти за финансирање заеднички инвестициски програми насочени кон зголемување на продуктивноста и безбедноста на ЕУ“, забележува поранешниот италијански премиер во воведниот извештај од 400 страници на поранешниот премиер, посочувајќи го економскиот „јаз“ што ја дели Европа од САД.

На Европската унија ѝ се потребни дополнителни инвестиции од 750-800 милијарди евра годишно – што е еквивалентно на 5% од БДП – многу повисоки од 1%-2% од Маршаловиот план за обнова на Европа по Втората светска војна.

„Потребата од инвестиции е огромна“, предупреди Марио Драги за време на прес-конференцијата во Брисел во присуство на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Инсистирајќи дека има потреба од „драматични промени“ во европскиот пристап, тој презентираше дел од неговите „170 предлози“.

Сепак, идејата за издавање заеднички долг останува црвена линија за многу северноевропски земји, а предводник е Германија, која сè уште стравува дека ќе се презадолжат за да го надоместат заостанатиот долг на земјите од јужна Европа. Марио Драги признава дека овој план не е остварлив, освен ако „политичките и институционалните услови не се соодветни“.

Тоа укажува на потребата од мобилизирање на приватен капитал за финансирање на иновациите преку создавање на вистинска „Унија на пазарот на капитал“.

„Вистинскиот расположлив приход по жител е зголемен речиси двојно повеќе во САД отколку во Европа од 2000 година“, предупредува поранешниот претседател на Европската централна банка во овој извештај, што го побара претседателот на Комисијата.

Наодите од извештајот на Марио Драги имаат за цел да ја информираат работата на новата Европска комисија во следните пет години.

Европската унија година и пол страда од економска стагнација. Нејзините перформанси во надминувањето на кризата предизвикана од пандемијата беа пониски од оние на САД, како што беше случајот со финансиската криза во 2008 година.

Доцнењето се објаснува „главно со најголемото забавување на продуктивноста во Европа“ и претставува закана за нејзиниот социјален модел, предупредува Марио Драги.

„Доколку Европа не успее да стане попродуктивна, ќе бидеме принудени да правиме избор. Нема да можеме истовремено да имаме водечка позиција во областа на новите технологии, да бидеме модел на климатска одговорност и независен актер на меѓународната сцена. Нема да можеме да го финансираме нашиот социјален модел. Ќе мораме да ги ревидираме некои или сите наши амбиции.