Марина Абрамовиќ за борбата за живот по рутинска операција: „Болката беше неверојатна“
Иако помина повеќе од два месеци во болница на интензивна нега,славната уметница успешно закрепна и продолжува со настапите, а наскоро ќе го прослави и 77-от роденден
Лондон- Познатата концептуална уметница Марина Абрамовиќ неодамна за британски Гардијан проговори за сериозните здравствени проблеми кои ја снашле пред неколку месеци. Имено, компликации настанале по рутинска операција на коленото, таа добила белодробна емболија и шест недели поминала на интензивна нега „танцувајќи“ меѓу животот и смртта. Имаше три операции, девет трансфузии на крв и извесно време беше во кома.
Иако во својата педесетгодишна активност уметницата често си нанесувала болка, ја тестирала до крај издржливоста на своето тело и психа, се изгладнувала и за малку ќе се изгорела, сето тоа заради уметноста, таа ова болничко искуство го доживеала сосема поинаку.

„За почеток, лекарите ми даваа опијати на секои четири часа, со кои тешко се справував. Не можам да пијам алкохол, не можам да пијам лекови, дури ни аспирин. Секогаш сакам да го чувствувам своето тело. Престанав да ги земам. Болката беше неверојатна. Но знаев дека тоа ќе ми овозможи побрзо да закрепнам бидејќи можам и користам волја за побрзо да станам од креветот. Во спротивно, сè уште би била во болница“.
Иако темата на нејзините изведби често беше минливоста и смртта, тоа што е во болница и вистински се соочува со сопствената смртност ја промени доста. Пред дваесетина години таа изведе перформанс во кој лежеше гола со човечки скелет врз неа, а во 2020 година го создаде оперскиот проект „7 смртни случаи на Марија Калас“ во кој умира седум пати на сцената. Сега, како што рече, не и паѓа на памет да изведува такви настапи.

“Сега само живеам! Не сакам да се занимавам со никакви скелети. Иако никогаш не готвам, вчера печев леб со маслинки. Се будам среќен и пеам по цел ден”. А знае да пее затоа што освен што се опоравува од многу тешка здравствена ситуација, на 23 септември во Кралската академија на уметностите во Лондон, отвори ретроспективна изложба со избор од нејзините дела, од видео, скулптура, инсталација до перформанс.

На почетокот на ноември таа ќе го изведе својот оперски проект за Марија Калас во Англиската национална опера со нејзиниот чест партнер, познатиот актер Вилем Дефо, а ќе промовира и две книги и четири гостински предавања. А на прашањето дали не и било премногу работа со оглед на тоа низ што поминала, таа одговорила: „Дали си луда? Имам 76 години, во ноември наполнувам 77 години. Што да се прави? Дали седам дома и си ја чекам пензијата?“