Марија Јаническа е нов директор на ОТА
Марија Јаническа е новиот директор на Оперативно техничката агенција (ОТА). На денешната 131. седница на Собранието беше донесена одлуката за изборот на Јаническа. Во салата на Собранието беа присутни 93 пратеници, а за оваа точка пратениците гласаа едногласно.
Јаническа е дипломиран правник и досегашен стручен соработник за општи и заеднички работи во Оперативно-техничката агенција. Предлогот беше утврден едногласно, а денеска доби дво-третинско мнозинство и Бадинтерова поддршка.
На огласот што беше објавен се пријавија 21 кандидат, а пред околу еден месец заврши петгодишниот мандат на директорот Зоран Ангеловски.
ОТА беше формирана како самостоен државен орган по скандалот со масовното прислушување и Извештајот на експертската група на Европската комисија предводена од Прибе. Со повеќе законски измени, УБК доби наследник во АНБ која задржа голем дел од надлежностите, додека опремата за прислушување премина во ОТА.