Марија Габриел собира поддршка од партнерите на ГЕРБ, но гласовите не се доволни


 

Мандатарката за состав на бугарската влада, Марија Габриел, ја осигура поддршката на две парламентарни партии, но нивните гласови се недоволни за мнозинство. Таа се потпира на старите партнери на ГЕРБ поради кои пред две години масовно протестираа Бугарите.

Денеска ДПС, партијата на Турците во Бугарија, официјално објави дека ќе го поддржи кабинетот на ГЕРБ на чело со Габриел.

Во петокот, на прашањето дали ќе го поддржат предлогот за влада, претседателот на ДПС, Мустафа Карадај, одговори „да“ и додаде дека формацијата „многу сериозно ја третира оваа тема“. Тој нагласи дека ДПС има експерти да предложи за состав на влада, но, според него, сѐ уште не се разговарало за конкретни имиња.

„Да одиме чекор по чекор. Разговорите продолжуваат, состаноците продолжуваат“, објасни Карадај.

Пред еден ден, од видео обраќање на лидерот на Има таков народ (ИТН), Станислав Трифонов, се разбра дека неговата партија ќе го поддржи мандатот на ГЕРБ.

ГЕРБ има 69 пратеници, ДПС 36, а ИТН 11. Останатите политички сили јавно објавија дека нема да го поддржат кабинетот на Габриел.

Тоа значи дека вкупниот број пратеници од трите формации кои го поддржуваат кабинетот е 116, што е помалку од половина од народните избраници.

Без разлика на ова, хипотетички е можно да помине кабинетот доколку во салата за време на гласањето отсуствуваат најмалку 9 народни претставници од БСП, ПП-ДБ или Преродба.