Маричиќ: Времето на „недопирливите“ е завршено


Фото: Б. Грданоски

Времето на „нашите“ или „вашите“ е завршено, а филтрацијата треба да препознае дали некој судија или обвинител работел во интерес на правдата или за нечиј бизнис интерес, изјави во интервју за „Дојче веле“ го кажа министерот за правда Бојан Маричиќ.

Според него, токму преку процесот на филтрацијата на судството и обвинителството ќе се врати довербата на граѓаните во правосудниот систем.

– Важно е да се спомене дека Судскиот совет е институцијата која ќе ја спроведе филтрацијата во судството. Сведоци сме на чести одложувања на рочиштата, пред сè, на оние за висока корупција и организиран криминал, а на тоа реагира и јавноста. Целта на филтрацијата е да се направи длабинска проверка на работата на судиите од повеќе аспекти, меѓу кои и неоправдано одложување на рочиштата. Ќе се проверува и непочитувањето или прекршувањето на законските рочишта, застарување на гонење, односно извршување на санкции во кривичните предмети, како и евентуални неправилни одлуки или приговори за застареност од странките, рече Маричиќ.

Вели дека проверката ќе ја прават тричлени комисии, а ќе има и критериуми во изборот на тоа кои предмети ќе бидат анализирани.

– Изборот кои предмети ќе се проверуваат ќе се прави по неколку критериуми, но и по случаен избор. Пред сè, се работи за предмети кои предизвикале интерес кај јавноста, предмети за кој има сомнеж дека не се постапувало согласно законот, предмети кои застареле или се пред застарување, стечајни предмети, предмети за кои е пропишана казна доживотен затвор и други, рече министерот, додавајќи дека сите детали во однос на оваа методологија ќе бидат објавени на специјална тематска прес-конференција, следниот вторник, на 29 декември.

Во интервјуто Маричиќ потенцираше дека судиите и обвинителите ја имаат клучната улога да воспостават еднаквост пред законот, а грижа на Министерството е да обезбеди услови тој систем ќе функционира непристрасно и на ист начин за сите, без разлика на статусот во општеството или финансиската моќ.