Маричиќ: Во Изборниот законик ќе влезат предлозите за кои ќе се постигне консензус


Дали предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за еден изборен круг на локалните избори идната година ќе биде дел од Изборниот законик, ќе зависи од тоа дали за овој предлог, но и за други, ќе се постигне консензус во текот на подготовките на законот, рече министерот за правда Бојан Маричиќ на прес конференција. Одговарајќи на новинарско прашање, Маричиќ рече дека препораките на ОБСЕ-ОДИХР ќе бидат основата на измените на Изборниот законик.

„Ние го чекавме конечниот извештај на ОБСЕ – ОДИХР кој што излезе пред неколку дена за изборите во Република Северна Македонија во кој што има конкретни забелешки и препораки што да се направи“, рече Маричиќ.

Тој додаде дека веќе дал налог да се формира работна група во која соодветно ќе бидат застапени сите чинители, вклучувајќи ги и политичките партии.

„Овој закон, не од формален аспект, но од добра политичка пракса се носи со консензус и затоа многу внимателно ќе пристапиме во инклузивен процес со сите чинители и од парламентот и од институциите за да го менуваме текстот на Изборниот законик“, рече Маричиќ.

Дали во тој процес ќе има договор, односно ќе се постигне консензус за еден круг на локалните избори, допрва ќе се види, додаде тој.

„Ние како владина коалиција и партија на власт имаме конкретни идеи – воведување отворени листи за советите, а ќе имаме и други идеи. Во овој процес секоја идеја ќе биде вредна за разгледување и на крајот на процесот за секоја за која ќе има консензус од политичките партии ќе се најдат во текстот на законот“, рече Маричиќ, додавајќи дека од сега не може да каже дали тоа ќе биде идејата за еден изборен круг на локалните избори.

„Важно ќе биде на крајот на процесот на крајот на идната пролет да имаме квалитетен законик кој ќе ги имплементира забележките на ОБСЕ – ОДИХР, ќе го зголеми степенот на демократија да ги мотивираме гграѓаните но и учеството на граѓаните, бидејќи е многу важно да ги мотивираме да учествуваат во изборите и да го дадат својот глас за оние за кои мислат дека се најквалитетни“, рече Маричиќ.