Маричиќ во Брисел во последен обид да се тргне бугарското вето
Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, денеска во Брисел ги убедуваше своите соговорници дека лидерите на ЕУ мора да го искористат историскиот момент и да ги одобрат преговарачките рамки за Македонија и Албанија. Маричиќ се сретна со генералниот секретар на Европската служба за надворешно дејствување, Стефано Санино, со вршителката на должноста директор за Западен Балкан во Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Унијата, Микела Матуела, а разговараше и со Симон Морду, главниот советник за надворешна политика на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
По средбите Маричиќ рече дека сега е „вистинско време, кое мора да го искористиме, за старт на преговорите на Унијата со Македонија и Албанија. Секој отпор и воздржаност на ЕУ кон Западен Балкан дополнително ќе ја намалува атрактивноста на Унијата и ќе го поткопува нејзиниот кредибилитет во регионот“.
Санино потврди дека Европската служба за надворешни работи ја цени нашата проевропска ориентација, а нашата земја, како и целиот регион, е стратешки партнер на Унијата.
На средбите беа поздравени напорите на нашата земја за спроведување на реформите и целосното усогласување на надворешната политика со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, како и дека нема промена во надворешнополитичкиот курс на ЕУ и дека Македонија е перципирана како полноправна членка на европското семејство.
Утре вицепремиерот Маричиќ ќе има брифинг на Работната група на Советот на Европската унија за Западен Балкан, по што ќе следи средба со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеи и со координаторот на Европската комисија за Северна Македонија, Марк Јорна.