Маричиќ ветува: Македонија ќе биде правна држава


Фото: Б. Грданоски

 Северна Македонија ќе биде правна држава каде што ќе одговараат сите кои ги прекршиле законите, сега или во иднина, изјави на денешната прес-конференција министерот за правда Бојан Маричиќ.

Намалени судски такси, нова методологија, закон за попис и предлог за зголемување на казните за загадувачите, се дел од работите кои ги наведе министерот Маричиќ, правејќи пресек од првите 100 дена од работата како министер за правда.

– Плановите за иднината ни се амбициозни, намерите ни се јасни и чесни, а посветеноста е максимална, изјави Маричиќ.

Правдата, нагласи тој, мора да биде достапна за сите граѓани.

– Изминатите години бевме сведоци дека граѓаните се жалат на несразмерно високите судски такси. Во првите 100 дена ги намаливме за осум пати. Претходно, плаќаа и до 48 илјади за судски трошоци, а сега тие не може да бидат над 6.000 денари за судски такси, изјави Маричиќ.

Откако ќе решат да тргнат по судските лавиринти, посочи Маричиќ, дел од граѓаните се соочуваат со други проблеми, како што се долги рочишта, неефикасни постапки и нееднаков третман.

– Токму затоа во првите 100 дена заедно со Судскиот совет и Советот на јавни обвинители интензивно работевме на методологија по која следната година ќе се филтрира судството и обвинителството. Ова според нас е најдобриот начин како фелата сама да си ги прочисти своите реодви, изјави Маричиќ.

Нагласи дека сите судии или обвинители кои незаконски постапувале или направиле прекршување во постапките, намерно го одложувале или нестручно постапувале треба да бидат исфилтрирани од правосудниот систем.

– Посебен фокус ќе биде ставен на случаите на висока корупција и организиран криминал. Како што знаете Судскиот совет веќе донесе одлука за разрешување на двајца судии од Основен суд Охрид поради несовесно работење. Со оваа одлука започнува и процесот на филтрација на судството по новите правила. Ова е едиствен чекор за враќање на изгубената доверба во правосудството, изјави Маричиќ.

Советот за реформи во судството очекува да ја потврди методолгијата и набрзо потоа бидат објаснети и деталите.

Информира дека пред неколку дена е постигната согласност со судската полиција за можноста за исплата на додатоци на плата на оваа фела.

– Службениците во сите судови ќе може да добијат додатоци на плата врз основа на обемот на работа. Задоволен сум што овој проблем конечно се реши и судската полиција го доби она што го бараше со правилник за проценка на ризици на работа, изјави Маричиќ.

Во однос на пописот рече дека Законот веќе е во собраниска процедура и целта е да се изгради систем што еднаш засекогаш ќе ја тргне политиката од овој и од сите идни пописи.

– Наша цел е статистичарите, а не политичарите, да го имаат главниот збор при пребројување на населението. Верувам дека ќе организираме добар попис по сите европски стандарди, а резултатот ќе биде основна алатка за да знаеме какави долгорочни развојни политики можеме да креираме, истакна Маричиќ, додавајќи дека пописот би се спровел во април ако Собранието го доенсе законот.

Во однос на животната средина, информираше дека Министерството за правда преку измена на Законот за прекршоци предвиде повисоки казни за сите кои ја загадуваат животната среидна.

– Откако Собранието ќе ги изгласа овие измени, казните за загадувачите на животната средина ќе бидат зголемени дури и за 20 пати. Со ова очекуваме значително да се подобри нивото на заштита на воздухиот, водата и почвата, рече Маричиќ.

Во привите три месеци како што посочи, завршен е новиот Воспитно поправен дом во Тетово, по највисоки европски стандарди и таму, веќе се преместени малолетници кои биле во судир со законот.

Со помош на Советот на Европа и Делегацијата на ЕУ изработена е и страницата за бесплатна правна помош.

– Оваа алатка е особено важна за најранливата група граѓани кои не се во можност сами да ги покријат трошоците на судењата. Ова е во насока на нашата генерална заожба Северна Македонија да биде држава во која правдата ќе биде достапна за сите, рече Маричиќ.

Во Министерство за правда, како што најави, веќе се работат измени на 12 закони, меѓу кои на Кривичниот законик, Изборниот законик и Законот за парнична постапка.