Маричиќ вели: Не може да има задршки за македонскиот јазик во преговарачката рамка

За нас е важно процесот на европеизација да не стане процес на билатерализација или процес на оптоварување на преговарачката рамка со билатерални прашања, вели вицепремиерот за европски прашања


 

Работите со Бугарија се далеку од договор.

На таков начин може да се толкуваат изјавите на вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ. Вечерва за Сител Маричиќ изјави дека „за нас е важно процесот на европеизација да не стане процес на билатерализација или процес на оптоварување на преговарачката рамка со билатерални прашања“. Тој рече дека важно е и ние, како и Бугарија, да имаме гаранции за работите кои ќе ги договориме дека ќе бидат спороведени и оти со нивното исполнување ќе биде отстрането ветото и на правилен начин ќе биде усвоена преговарачката рамка.

Маричиќ додаде дека „никакви задршки околу македонскиот јазик не смее да има во преговарачката рамка затоа што сметаме дека имаме право на тоа. Бугарија има своја позиција во однос на македонскиот јазик, но ќе видиме каков однос ќе изгради таа кон преговарачката рамка и кон тоа прашање, но тоа е предмет на разговори и преговори“. Тој вели дека нема друга црвена линија освен таа дека нема да отстапат околу тоа дека имаме право да говориме македонски јазик и тој да биде еден од нашите обележја. На тоа нѐ обврзува и Уставот и Декларацијата во Собранието

Во наредните денови, како што најави, со премиерот Димитар Ковачевски и со министерот за надворешни работи Бујар Османи ќе одат во Брисел на повеќе средби на кои ќе се разговара за повеќе прашања.

Тој ги повтори познатите ставови дека македонија е подготвена за внесување на хрватската, црногорската и бугарската заедница во Уставот пред членството во ЕУ.

Во врска со неговата претходна изјава за немешање во малцинските прашања на други држави, Маричиќ рече дека треба да се држиме до нашиот Устав и нашата политика која трае во континуитет.

„Прва имаме потпишано одредба за немешање во внатрешните работи на други држави со Декларацијата во 1999 година, каде стои формулација дека ништо од таа декларација нема да се сфати како мешање во внатрешните прашања на друга држава поврзано со оваа тема. Истата формулација е ставена во Договорот за пријателство со Бугарија од 2017 година“ рече Маричиќ.

Вицепремиерот додаде дека нашата држава не барала ништо низ годините од Бугарија. Македонците во Бугарија, кои создаваат свои структури таму, се обраќале и до бугарските и до европските институции и тоа е патот за остварување на целите, вели Маричиќ.