Маричиќ: Со процесот на филтрирање ќе се тргнат зачмаените судски предмети


Фото: Б. Грданоски

Како Влада и како Министерство за правда не сме надлежни да постапуваме во случаи каде има наводно застарување или долго задржување на предмети во определен суд, но токму заради вакви појави треба многу сериозно да го сфатиме и спроведеме процесот на проверка на работата на судиите, рече министерот за правда Бојан Маричиќ  одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција. 

Додаде дека целта на процесот на филтрирање е да се тргнат зачмаените предмети од тој статус на зачаменост, да се види кои судии и зошто ги одложувале, застарувале или заташкувале.

-Да видиме на кој начин може да се забрза оваа динамика и сите овие одлуки, сите постапки поврзани со оценката на работата на судиите,  вклучувајќи ги постапките за разрешување да бидат ставени во една разумна временска рамка врз основа на која ќе може да има една јасна предвидливост, но јасна, исто така отчетност и транспарентност на работата на Судскиот совет, рече Маричиќ.

Тој посочи дека се блиску до утврдување на методологијата за прочистување во правосудството и дека тоа ќе помогне за решавање на овие ситуации.

Притоа, како што рече, поконкретни одговори на овие прашања треба да се бараат од Врховниот суд и од Судскиот совет.

На прашањето дали Владата размислувала со закон да им овозможи на лицата кои останале без  наше државјанство поради  распадот на СФРЈ, а кои се уште  ги има во земјава и не можат да ги остварат своите права, министерот за правда рече дека нема таква информација.

-Немам таква информација дека  Владата размислува за предлагање на или пак поддршка на ваков закон, иако за ваков закон за државјанства е надлежно  МВР. Јас како   член на Владата немам информација дека се планира таков закон или  дека таков закон ќе се донесе.  Така што неможам да ја потврдам таа информација, рече Маричиќ.