Маричиќ со еврокомесарката Јоурова разговараше за реформите во судството
Министерот за правда Бојан Маричиќ денес во Брисел се сретна со потпретседателката на Европската комисија за транспарентност и вредности Вера Јоурова. На средбата, како што соопштуваат од Министерството, се разговарало за реформите во Македонија со фокус на оние во правосудството, владеењето на правото, но и за европските интеграции на земјата.
Маричиќ на средбата кажал дека и земјите кандидатки за членство во Унијата треба да бидат вклучени во постојниот механизам за владеење на правото во државите на ЕУ. Маричиќ на Јурова ѝ ја пренел одлучноста на Влада да продолжи со европската агенда и дека земјава со засилено темпо ќе продолжи да ги спроведува реформите со цел носење на европските стандарди дома, а тоа е и главната причина за носењето и спроведувањето на планот „Европа дома“.
Министерот за правда на потпретседателката на Европската комисија ѝ го образложил и планот за дигитализација на македонското судство на кое Министерството за правда работи интензивно. Според Маричиќ, дигитализацијата и онлајн судењата ќе обезбедат побрзи постапки и континуитет.
Бојан Маричиќ во Брисел имаше состанок со европратеникот и членот на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент и претседавач на заедничкиот парламентарен комитет со ЕУ Андреас Шидер. Тема на разговорите беа европските интеграции на Северна Македонија, владеењето на правото и реформите во правосудството, како и претстојниот попис.
Маричиќ на Шидер му ја пренел разочараноста во земјата, бидејќи и покрај сите побарани и спроведени реформи сè уште не се почнати преговорите за членство во Европската Унија. Сепак, и покрај ова земјата останува посветена на својата европска агенда. Било разговарано и за потребата за реактивирање на дијалогот „Жан Моне“, кој ќе биде во прилог на зголемување на демократијата и функционалноста на Собранието.