Маричиќ: Скринингот заврши, на ред се патоказите и најпосле уставните измени


Фото: Б. Грданоски

 

Со успешното завршување на скрининг процесот, до крајот на месецов до ЕУ ќе треба да ги доставиме клучните документи за отворање на преговорите по првиот кластер, по што тоа ќе останат само уставните измени како единствен услов за продолжување на преговарачкиот процес за членство на земјата во Европската Унија, порача вицепремиерот Бојан Маричиќ во интервју за МИА на крајот на неговата работна посета на Брисел за време на која присуствуваше на последните билатерални состаноци со кои беше затворен скринингот на земјава со Европската комисија.   

„Она што можеме де го кажеме е дека од овој скрининг процес ние веќе имаме и конкретни резултати и плодови. Впрочем и Европската комисија во својот извештај го оцени како многу успешен овој скрининг процес. Тоа треба да ни биде модел за тоа како понатаму треба да се движиме во преговорите и одговор на прашањето дали имаме капацитети за преговори, коешто е многу пати поставувано“, истакна Маричиќ. 

Според него, иако на почетокот скринингот беше оспоруван како неважен и технички и дека не значи отворање на преговорите, денес гледаме дека завршуваме една почетна воведна фаза од преговарачкиот процес за членство.  

Тој посочи дека пред десетина дена земјава доби покана од шпанското претседателство на Европската Унија за да ги достави патоказите за владеењето на правото, реформите во јавната администрација и функционирањето на демократските институции и Акцискиот план за заштитата на припадниците на немнозинските заедници, кои се до крајот на овој месец да бидат испратени до ЕУ. 

„Веќе наредната недела, в понеделник, ќе имаме можност во Собранието на заедничка седница на Националниот совет за европски интеграции и на Комисијата за европски прашања да ги разгледуваме Нацрт-патоказите и Нацрт-планот за раст и тоа ќе ни овозможи за неколку дена да ги завршиме консултациите со граѓанското општество, академската заедница, со стопанските комори и на тој начин врз основа на тие консултации ќе дополниме или одземеме нешто ако треба од овие патокази, а до крајот на овој месец ќе ги имаме тие документи и така ќе го ја заклучиме оваа прва фаза и ќе направиме сѐ она што треба да се направи без уставни измени. После тоа ќе останат и остануваат само уставните измени како единствен услов за отворање на првиот кластер и за продолжување на преговорите“, вели вицепремиерот. 

Тој истакнува дека од Самитот на ЕУ следната недела очекува позитивни сигнали за признание за она што сме го направивме со скринингот, поддршка за натамошните реформи и потврда дека перспективата за членство во Унија во брз рок е возможна и реална, но не можеме да очекуваме зелено светло за свикување на наредната Меѓувладина конференција и отворање на преговорите по првиот кластер кога знаеме дека немаме исполнето еден од условите за тоа – усвојување на уставните измени.  

„Затоа треба отворено да разговараме каде се нашите проблеми и каде лежи блокадата. Денес и покрај тоа што морам да оддадам признание за конструктивноста во делот на патоказите и учеството на опозицијата во дискусијата за патоказите што е закажана за понеделник, сепак тоа не може да го надомести фактот дека моменталната блокада на уставните измени и блокадата на нашите евроинтеграции има име и презиме. Тоа е ВМРО-ДПМНЕ. Од таа одговорност нема да можат да се ослободат колегите од ВМРО-ДПМНЕ, колку и да сакаат“, вели Маричиќ.