Маричиќ: Сега сѐ е во наши раце, нема ништо спорно во содржината на уставните измени


Фото: Б. Грданоски

 Сега се е во наши раце и тоа е добро, не зависиме од која било друга држава и мислам дека ако мудро, умно и одговорно се постави секој пратеник и секоја политичка партија процесот на уставни измени ќе може да се направи до крајот на скринингот, смета вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

Зборувајќи за уставните измени кои се клучни за продолжување на преговорите со Унијата, Маричиќ  денеска во интервју за ТВ Телма, рече дека времетраењето на скринингот, кој според него очекува да трае 16 месеци, дава доволно простор да се отвори дијалог со политичките партии, и со пратениците за да се види кога  би било тоа најлогично и најсоодветно да се направи.

-Мислам дека треба да се отвори една суштинска дискусија којашто ќе нè одведе и во содржината на уставните измени, којашто мислам дека не е спорна, бидејќи треба да дополниме во Преамбулата и во уште еден амандман, неколку заедници коишто не се спомнати во Уставот, за поддржување на нашите европски интеграции, посочи Маричиќ.

Според Маричиќ, имаме позитивно ниво за да го почнеме и да го завршиме скринингот успешно, бидејќи сме на исто рамниште или во некои делови и подобри од оние земји кои десет години веќе преговараат.

-По нашите анализи степенот на усогласеност е некаде околу 45 проценти, што не е малку и е навистина на добро ниво. Постојат области каде што сме на исто рамниште дури и подобри од државите кои преговараат, на пример Кластерот „Темелни вредности“, таму сме први во регионот, подобри и од државите кои веќе десет години преговараат. Секако има области, како што е внатрешен пазар, каде што имаме многу работа и каде што допрва треба да се усогласуваме, рече Маричиќ.

Маричиќ, исто така, објасни дека во Секретаријат за европски прашања секоја година се прави детална анализа на секој Извештај и оти прават т.н гап анализа, увид кои мерки се позитивно оценети, кои се оценети дека треба повеќе, која според последниот Извештај вели дека има околу 57 проценти од мерките коишто се оценети како позитивни, односно има реална усогласеност и 43 проценти, кои допрва треба да се усогласуваат.

Тој најави дека следниот период ќе се фокусираат, паралелно преку Националната програма за приближување на законодавството, да се интензивира имплементирањето на законодавството на ЕУ и дека тоа е динамична работа, која зависи од капацитетот на институциите, но и од политичкиот притисок и политичката волја.

-Секако дека имаме уште многу за работа, и во делот на владеењето на правото и во делот на другите стандарди, но ова е еден процес којшто треба да заврши на тој начин што ние ќе функционираме комплетно како држава членка на ЕУ, истакна Маричиќ додавајќи дека за Владата најважно е во тие преговори постојано да одиме напред, тие да бидат неповратни, значи да не се враќаме назад, да немаме назадување по извесен број години, бидејќи новата методологија на некој начин го казнува назадувањето и може да ве врати на почетокот.

Според него ревизијата на преговарачката структура е во тек и се очекува до крајот на август да се презентира.

– Имаме за цел да ја поедноставиме преговарачката структура во однос на тоа што беше усвоено во 2018 година. Структурата да биде поедноставна, пофункционална, затоа што треба за брз рок да даде резултати. Скринингот ќе биде многу интензивен, недела за недела, месец за месец, и некаде до март идната година ќе треба да комплетираме една фаза на Кластерот „Темелни права“, така што на тоа ќе се фокусираме прво, рече вицепремиерот Маричиќ.

Маричиќ во интервјуто истакна дека скринингот е сериозна операција којашто бара ангажман на сите институции, и дека имаме добра основа и стартна позиција бидејќи во 2018 и 2019 преку 2.000 наши државни службеници и експерти од институциите ги посетија тие скрининзи и имаат некоја подготовка.

– Динамиката којашто ни е договорна со Европската комисија бара од нас постојан ангажман, така што мислам дека сме добро подготвени за да почнеме, а секако ќе ја надградуваме таа структура со експерти и стручни лица надвор од институциите, бидејќи има многу поттеми за кои ќе ни треба стручната јавност и придонес од граѓанскиот сектор.