Маричиќ: Сега е време да се носат одлуки за ЕУ, во декември се очекува пакетот за проширување


Фото: Б. Грданоски

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ изјави дека во декември во Брисел се очекува да се расправа и да се донесе одлука за почеток на преговори и за Украина и Молдавија, на која ќе се додадат уште четири држави коишто веќе преговараат за членство со Европската Унија.

– Тоа не значи дека некому е нешто гарантирано или дека мора да биде, туку едноставно се дава прилика, шанса овие држави да фатат залет и да ги завршат преговорите пред 2030 година. Тука е нашата прилика, тука е нашата шанса и треба првиот момент кога ќе се отвори портата за нови членки на Европската Унија, а тоа очигледно ќе биде 2030 година, ние да бидеме на бината со новите држави членки. Тоа е нашата цел и на таа лента треба да останеме, порача Маричиќ во гостувањето во вестите на Алсат.

За пораките кои ги испрати претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, од Блед, и Макрон кој зборуваше за Европа во повеќе брзини, вицепремиерот Маричиќ, како што соопшти СЕП, рече дека ниедна од тие идеи не е нова, но она што е ново и е пресвртница е дека по првпат по зачленувањето на Хрватска се дава временска одредница 2030 година за следното проширување, укажувајќи дека тоа треба да го искористиме бидејќи сме во категоријата на држави што преговараат заедно со Албанија, Србија и Црна Гора и дека треба да движиме на таа брза лента што побрзо, односно како што рече вицепремиерот, „не подоцна од 2030 година да станеме држава членка на Европската Унија“.

На прашањето што може да очекуваат властите во Скопје од претстојниот Самит во Гранада, Маричиќ посочи дека ја очекуваат листата на држави кои се потенцијални за членство во 2030 и детален план за развој на Западен Балкан, кој веќе го најава претседателката на Европската комисија, Фон дер Лајен.

– Очекуваме да се зацртаат практично целите на процесот на проширување, 2030 да се потврди со политички заклучок на телата на ЕУ како политичка цел за ново зачленување, да се направи приближно таа листа на држави коишто ќе целат кон членство во 2030. Нормално дека и другите доколку стигнат нема да бидат одбиени и мислам дека ќе се зацрта и планот за развој на Западен Балкан. Тоа е оној план што го најави Урсула фон дер Лајен, којшто ќе опфаќа повеќе можности за државите од регионот и за државите кандидатки, доколку има нови кандидатки годинава, како да пристапат на внатрешниот пазар порано од членство, кои придобивки во економијата може да ги имаат и порано од членство и детализирање на онаа понуда, повеќе пари за повеќе реформи, којашто беше најавена во говорот на Фон Дер Лајен, посочи Маричиќ.

Тој смета дека ВМРО-ДПМНЕ и сите пратеници во Собранието треба уставните измени да ги прифатат како клучна одговорност на овој мандат, за како што вели тој да „можеме наредната година да одиме на избори и да разговараме на други теми, како кој може да понуди подобра економска политика, подобра политика за владеење на правото, итн.“.

– Вистинската определба и идеологија се гледа кога ќе дојде времето за носење одлуки. Сега е времето да се носат одлуки и токму затоа оваа година е важно за да го фатиме овој пакет којшто се подготвува и затоа го спомнувам, цело време го објаснувам дека до декември е клучниот период, токму заради самитот во Гранада, Самитот во Тирана за Западен Балкан, односно во рамките на Берлинскиот процес и одлуките што треба се донесат во декември. Понатаму наредната година ќе има избори за Европски парламент, избори во САД, кај нас ќе има избори и целата таа година ќе биде посветена на тоа, на креирање на новите институции во ЕУ. Ние за да не изгубиме уште година и половина или две и за да не навлеземе во онаа стара блокада што самите си ја наметнавме дека не смееме да направиме никаков компромис, во којашто бевме помеѓу 2008-2018, затоа е битно ова да се искористи, оваа година да се надмине оваа пречка за уставните измени, додаде Маричиќ.

Тој потенцираше дека доколку се случи неуспех со уставните измени на следните генерации за седум години кога ќе има нови членки во ЕУ ќе треба да им се објасни дека „не сме меѓу новите членки зошто во 2023 не сме сакале да ги додадеме Бугарите во Уставот“ и тоа рече Маричиќ „ќе ни звучи трагично за седум години“.

-Ние ќе ги употребиме сите наши сили да ја убедиме опозицијата и како политичка партија, но и поединци да дадат поддршка на овие уставни измени затоа што цената ќе биде многу голема од заблудата дека можеме да добиеме подобар договор и дека ни се исплати да чекаме. Овој пат е многу јасно дека чекањето не ни се исплати и дека чекањето може да ни донесе само да пропуштиме уште една голема шанса којашто не знаеме дали ќе се повтори за нас. Затоа што ако 2030 има проширување, а ние не влеземе, сметајте дека наредното проширување сигурно нема да се случи пред 10 години, подоцна. Ако ние мислиме дека е добра стратегија да чекаме уште 20 години најмалку да станеме членка на ЕУ, тоа е стратегија која ќе ни ја испразни државата од млади луѓе и ќе ја уби надежта за европска иднина, подвлече Маричиќ, изразувајќи оптимизам дека сепак ќе успееме да ги завршиме успешно нашите обврски