Маричиќ предлага работни групи со ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени

Вицепремиерот за европски прашања вели дека денеска имало ретерирање од страна на опозицијата од она што беше кажано вчера за уставните измени


 

Доколку опозицијата чувствува спремност, ние сме подготвени уште веднаш да се формираат некакви работни групи или тимови кои ќе разговараат како да се имплементира прашањето по однос на уставните измени, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, по вчерашната лидерска средба помеѓу лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. 

Вицепремиерот позитивно го оцени одржувањето на лидерската средба на која, како што кажа, имаше искрен и отворен дијалог за дефинирање на позициите на двете најголеми политички партии, но ќе биде лошо, рече Маричиќ, доколку останеме единствено на оваа средба и доколку разговорите не продолжат. Маричиќ додаде дека власта е подготвена да донесе закон за преговори со Европската Унија, со кој, како што рече, некои од грижите на опозицијата за тоа дали ќе се допираат идентитетските прашања во текот на преговорите, може таму да се уредат како обврски на владата.

„Денеска гледам дека од страна на опозицијата има некакви реакции на ретерирање од она што беше кажано вчера оти уставните измени се прифатливи и за нив под некои услови и дека не е толку бауч да се внесат Бугарите во Уставот или тој да се прошири за уште неколку заедници“, вели вицепремиерот за европски прашања.

Прашан дали е искрена волјата на ДУИ за напуштање на владата откако претходно би се изгласале и би стапиле во сила уставните измени, Маричиќ вели оти идејата е сите да бидат вклучени, а не некој да е исклучен од процесот бидејќи, како што рече, влегувањето во меѓупартиска, но и меѓуетничка битка е непотребна во овој момент.

„Напротив, мислам дека треба сите да бидат вклучени, но ставот на партијата на господинот Ахмети, дека е подготвена и на таа жртва доколку опозицијата навистина ќе гласа за уставните измени, покажува едно високо ниво на одговорност и зрелост и мислам дека тоа сите го цениме многу, а особено граѓаните. Но, не верувам дека е тоа проблемот или дека е тоа решението“, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.