Маричиќ: Пописот не треба повторно да се политизира


Фото: Б. Грданоски

Потребно е да се престане со политизација на пописот планиран за следната 2021 година, вели министерот за правда Бојан Маричиќ.

Во емисијата 360 степени, на телевизија Алсат, министерот посочи дека искуството од пропаднатиот попис е доволна поука дека на него треба да се гледа како на статистичка операција суштински потребна за државата, а не како на политичко прашање.

-ВМРО ДПМНЕ како опозиција се обидува од самиот почеток да го политизира, а токму затоа не успеа пописот од 2011 година. Која е целта на евентуален бојкот на кој и повикала опозицијата? Да има помалку Македонци на пописот?, потенцираше Маричиќ.

Според министерот, нема силни аргументи зошто повторно би се одложил пописот и додаде дека и покрај пандемијата државата докажала дека има капацитет да организира сложени операции со масовно учество на граѓаните.

– Покажавме дека можеме да ги спроведеме парламентарните избори, Владата покажаа дека може да организира вакви масовни операции. Важно ќе биде попишувачите да бидат здрави, да бидат заштитени, а до тогаш ќе видиме до каде ќе биде и вакцината, изјави министерот Маричиќ.