Маричиќ: Партиите не може да договорат ревизија на судски случаи, договорен е мониторинг од ЕУ


Фото: Б. Грданоски

 За нас како Влада е многу важно да нема политичко мешање во постапката или исходот на предметите. Нема ништо да биде направено што ќе го загрози нашиот правен систем. За оние предмети што се завршени можеме да побараме од ЕУ да изврши некаков мониторинг, но механизмите за тие случаи повторно да се отворат лежат во домашното право. Доколку тука се исцрпени сите можности, останува странките да се обратат до Судот во Стразбур, објави министерот за правда Бојан Маричиќ на неговиот Фејсбук профил.

Тој денеска гостуваше на Телевизија 24, каде говореше за судските случаи и меѓународниот мониторинг, нагласувајќи дека партиите не можат да договорат ревизија на судски случаи и појаснувајќи дека Зоран Заев и Африм Гаши договориле само мониторинг.

– Секогаш кога политички партии коментираат судски случаи се крева прашина. Она што е договорено со Алтернатива е да се побара мониторинг од ЕУ за овие случаи, во моментов има мониторинг на 20 случаи, на барање на опозицијата, истакна министерот за правда.

Тој нагласи дека однапред не може ништо да се каже.

– Може да се утврди дали текот на постапката бил како што треба. Треба да се разгледа секаде што има сомнеж. Она што јас го знам од средбата Заев и Гаши не можат да договорат ревизија на случаите, судбината на тие случаи, дел од нив се преотворени, затворени. Повторување на судски случај може да дозволи само судот. Секаде каде што имало нови околности сме ги упатиле, вели Маричиќ во гостувањето во Студио 10 на ТВ24.

Маричиќ говореше и за престојните внатрепартиски избори во СДСМ, јасно изразувајќи му поддршка на еден од кандидатите за нов лидер на партијата, заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски.

– В недела ќе имаме избори во СДСМ, а јас јавно давам поддршка на Димитар Ковачевски, бидејќи потребно ни е единство и одговорност. Ако се обединиме за заедничка цел да победиме на наредните избори имаме шанса за тоа. Ни треба стабилен период во СДСМ, бидејќи имаме доволно време до парламентарните избори да испорачаме видливи резултати за граѓаните. Ни треба најважниот избор за консолидирање. Јас сум на располагање на новиот лидер и во партијата и во Владата, но тоа е прашање до новиот лидер, истакна Маричиќ.

Тој рече дека Ковачевски треба да добие шанса, бидејќи има план, програма и автентична агенда.

Маричиќ истакна меѓународната јавност јасно става до знаење дека Заев треба да остане на функцијата, иако ја почитуваат неговата одлука, но напомена дека најважно е државата да е стабилна и да има сигурни институции кои даваат резултати, а тоа, како што рече се овозможи со новото парламентарно мнозинство.