Маричиќ: Оваа структура на ВМРО-ДПМНЕ не ја интересира правда

Фото: Б. Грданоски

Оваа структура на ВМРО-ДПМНЕ покажа на дело дека за правда не е заинтересирана. Три години господинот Мицкоски имаше подадена рака за многу законски проекти за реформа на правосудството, вели новиот министер за правда, Бојан Маричиќ за Дојче веле.

-Секако, опозицијата има право да протестира кога сака и каде сака. Тоа е плод на нашата демократија. Но, во секоја пристојна демократија новата Влада добива 100 дена простор да ги започне своите политики, а опозицијата да се консолидира по поразот на изборите. Сепак, за да ги избегне повиците за негова оставка и да ја дефокусира дискусијата за негова одговорност, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски излегува со сценарио за протести со кое бара правда, вели Маричиќ.

Според него, оваа структура на ВМРО-ДПМНЕ покажа на дело дека за правда не е заинтересирана.

-Впрочем, парадоксално е оваа структура на ДПМНЕ да бара правда со куп судски процеси. За повиците за правда, имам впечаток дека тропаат на отворена врата: имаше три години господинот Мицкоски подадена рака за многу законски проекти за реформа на правосудството и за донесување правда. Наместо тоа, ВМРО-ДПМНЕ состави преговарачки тим кој во голема мера содржеше лица со обвиненија, или под истрага на обвинителството, или нивни адвокати, токму со цел да ја спречат правдата и да ги прикријат злоделата од режимот на Груевски. Колкумина од оние што протестираа сѐ уште се обвинети или осудени за корупција? Дали видовме едно дело или збор со кое Мицкоски се огради или дистанцираше од практиките на заробената држава или само верно ги продолжи?, прашува министерот за правда за ДВ.

За министерот Маричиќ, „обвинувањата за мафија и кланови се навистина смешни кога доаѓаат од главните полуги на заробената држава со чии последици сѐ уште се бориме“.