Собранието закажа седница за измени на Законот за попис
Од Собранието, денеска соопштија дека претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја свика 38. пленарна седница во 13 часот со две точки на дневниот ред.
Имено, прва точка е Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година по скратена постапка.
Втората е Предлог на закон за изменување и дополнување на Изборниот законик по скратена постапка.
Министерот за правда Бојан Маричиќ, претходно рече дека очекува Собранието денеска да ја започне седницата за одложување на пописот, кој, како што вели, се уште не е почнат. Но, потенцираше дека одлуката кога ќе има седница на Собранието ќе ја донесе претседателот Талат Џафери. Маричиќ е дециден дека иако денеска официјално требаше да почне пописот, никој не го крши законот.
-Никој не го крши законот. По стандардите на Еуростат, пописот би требало да трае околу 15 дена. Битно е согласно постоечкиот закон кога е крајната точка. Може да почне и со неколку дена одложување. Знаеме дека идејата е пописот да биде одложенза септември. Тоа е формулирана во предлог измена на законот, изјави Маричиќ за ТВ 24 вести.
Министерот за правда рече дека направени се техничките исправки што ги побара претседателот на Собранието за одложување на Законот за попис.
-Најавата ми е мене денеска би требало да има седница но тоа е одлука на претседателот на Собранието, рече Маричиќ, поренцирајќи дека очекувањата му се во текот на денот да има седница. Законот ќе се носи по скратена постапка и со европско знаменце, така што расправата доколку има амандмани би завршила најмногу за два дена.
Министерот за правда рече дека најголем дел од пратениците го поддржуваат одложувањето на пописот, освен Алијанса на Албанците и Алтернатива.
-Значи законот ќе помине само е прашање дали ќе помине денеска, утре или во сабота зависи колку време ќе треба за работа на Комисијата, рече Маричиќ.
Инаку, со оглед на новонастанатата ситуација во врска со Пописот 2021 до завршувањето на постапката во Собранието, Државниот завод за статистика информира дека нема да ги отпочне пописните активности на терен.
– Со оглед дека е предвидено Пописот да трае 21 ден, односно до 21 април, Државниот завод за статистика смета дека има доволно време сите предвидени пописни активности да се завршат на време. Во периодот додека се чека разрешница во Собранието на РСМ, Заводот уште еднаш ќе направи проверка на сите организациско-технички активности на терен за да биде уште повеќе сигурен дека сè е подготвено за евентуално започнување со теренското попишување, се вели во соопштението од ДЗС.
Од Државниот завод за статистика, посочуваат дека за сите активности што следуваат, навремено ќе ја информира јавноста.