Маричиќ на состанок со амбасадорите од ЕУ


На иницијатива на вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, се одржа состанок со евроамбасадорот Дејвид Гир и шефовите на мисиите на ЕУ во нашата земја, на кој се разговараше на повеќе актуелни политички теми, со фокус на динамиката на процесот на преговори со ЕУ и реформите.

„Правиме напори да ја промениме атмосферата што владее кај опозицијата за уставните амандмани и ова е во овој момент од најголема важност за нас, момент од кој зависи следниот напредок и задржување на европскиот дискурс на државата“, рече Маричиќ.

Тој додаде дека реформите се високо на агендата на Владата и дека веќе се дефинирани клучните и најитни приоритети што ќе се испорачаат, без понатамошно одлагање, а се однесуваат на именувања на јавни функционери, нова нацрт-стратегија за реформа на јавната администрација (2023-2030) со акцискиот план (2023-2026), како и стратегијата за реформи во правосудниот сектор, која е во завршна фаза.

„Со нетрпение очекуваме позитивни сигнали и охрабрување за вашите услуги, но и рационалниот пристап на земјите членки на ЕУ е од исклучителна важност за Северна Македонија“, рече Маричиќ изразувајќи очекување дека што побргу ќе ги добиеме и скрининг-извештаите за кластерите за кои сме го завршиле скринингот.

Од страна на шефовите на мисиите на ЕУ беше дадена поддршка за процесите што ги води Северна Македонија и непоколебливиот пристап на Владата да направи нов напредок кон ЕУ посочувајќи дека, покрај уставните измени, Владата мора да остане исто така фокусирана и на реформската агенда за во наредните 7 години да може успешно да ги заврши обврските и задачите што ги има државата во текот на преговори со ЕУ.