Маричиќ: Изборниот законик треба да се отвори што побрзо


 Има уште многу прашања коишто се отворени во однос на измените на Изборниот законик и тој процес треба да се отвори што побрзо, за да се даде шанса да се изнесат сите аргументи од сите политички партии во тој процес, изјави на денешната прес-конференција министерот за правда Бојан Маричиќ.

Маричиќ посочи дека минатата година на двапати имаше измени на Изборниот законик, еднаш се случи измената поврзана со отпечатоците од прст како модел на идентификација на гласачите, а вториот пат во однос на имплементација на дел од препораките на ОБСЕ/ОДИХР за изборниот циклус, но и дека било договорено овој процес повторно да се отвори по изборите.

– Тоа се случи неколку недели пред почетокот на кампањата. Тоа значи дека има уште многу прашања коишто се отворени, треба да се дискутираат. Кога го заклучивме процесот на преговори пред локалните избори се договоривме со политичките партии дека повторно ќе се отвори веднаш по изборите тој процес затоа што останаа прво, голем број на препораки од ОБСЕ/ОДИХР во однос и на ланските парламентарни избори и на овогодинешните локални избори коишто треба да се имплементираат во Изборниот законик, но и остана прашањето за дискусија на политичките прашања, а тоа е промена на изборниот модел, промена на начинот на избор на пратеници во смисла на изборни единици, преференцијален модел, отворени листи итн, изјави Маричиќ.

Политичките ставови на мојата партија, нагласи Маричиќ, и досега биле јасни по однос на ова прашање, меѓутоа Изборниот законик секогаш се носел со консензус и тоа е важен дел од нашата политичка култура.

– Изборниот законик не е тема на која што можеме лесно со еден потег или пак со какви било условувања да најдеме решенија. Мислам дека Владата е подготвена за дијалог, сите партии се подготвени за дијалог и јас ги ценам аргументите и на Демократскиот сојуз и на сите партии. Мислам дека ако има добра волја може се да се постигне, меѓутоа не е само временската рамка во прашање. Во прашање и гласањето на изборниот законик со консензус, изјави Маричиќ.

Тој изрази уверување дека има добра волја од сите партии да се разговара за овие теми и дека може да се најде решение.

– Дали ќе биде до април, дали ќе биде до јуни, или до март, тоа не можам сега да го кажам бидејќи ќе треба и наредниот министер да го води тој процес. Јас само можам да кажам дека има добра волја да се разговара за овие прашања и ќе се разгледаат на правилен начин за да ја подобриме довербата на граѓаните во демократскиот процес и учеството на изборите, посочи Маричиќ.