Маричиќ: Го одблокиравме патот кон ЕУ, жално е што опозицијата не се израдува на ниту еден успех

На дневна основа ќе се координираме со преговарачкиот тим на Европската комисија, вели Бојан Маричиќ (Фото. Б. Грданоски)

Во изминатите три години ние го одблокиравме нашиот пат кон ЕУ. Морам да признам дека навистина, жалосно што опозицијата не успеа да се приклучи и да се израдува кон ниту еден успех на нашата земја во изминатите три години, рече вечерва во емисијата „Еуро фокус“ на Телма ТВ, Бојан Маричиќ, национален координатор за интеграција со ЕУ и главен преговарач за технички прашања.

-Имаше многу точки во коишто прескокнавме нова пречка и станавме членка на НАТО, опозицијата се обиде да ги негира, да ги демантира или да ги омаловажи сите овие успеси кои се на државата, а не на една или на друга партија, истакна Маричиќ.

Според него, тоа за жал само покажува дека не можат да се надминат во заедничкото работење кон интеграцијата во ЕУ, и дека сакаат да соберат ситни политички пени. Како што посочи, на секое нивно излагање дека датум се уште нема, ЕУ ги демантира со нов чекор, еден чекор понапред кон официјалниот почеток на преговорите.

-Ние во март имавме одлука за почеток на преговорите на ЕС, ова е еден чекор понатаму значи имаме Предлог-преговарачка рамка од страна на ЕК, ќе следува токму утврдување на таа рамка на есен, и формален почеток со Меѓувладина конференција до крајот на годината. Не знам каков датум очекуваат? Едноставно ова е тоа што постојано се случува да одиме чекор по чекор, стапка по стапка напред, и сите треба да сме среќни затоа што за нашата држава до скоро, до пред три години додека ВМРО-ДПМНЕ беше на власт стратешките определби на НАТО и ЕУ беа чиста апстракција, недостижни цели, нешто за што можевме само да сонуваме, оцени Маричиќ во „Еуро фокус“.