Маричиќ до владиката Петар: Ќе има графа за национална и верска припадност на пописот
Министерот за правда Бојан Маричиќ преку Твитер му одговори на владиката Петар кој постави прашање дали на пописот во април ќе има графа за национална и верска припадност и дека доколку нема, ќе повика на бојкот.
„На пописот во април ќе има графа за национална и верска припадност. Очекувам сега, владиката Петар, за доброто на државата да ги повика верниците масовно да го поддржат пописот“, напиша Маричиќ.
– Ние сме сериозно заинтересирани во најавениот попис да постои графа за етничка и верска припадност за да знаеме колку се православни во Македонија, колку се муслимани како и на другите вероисповеди и религиозни деноминации. Да се постапи така во спротивно ќе биде народот па и ние засегнати не само да не се јавиме на пописот туку и да го повикаме народот во нашите епархии да го бојкотира пописот – изјави владиката Петар за телевизија Алфа.