Маричиќ: Бугарија посакува да не успеат уставните измени
Долгогодишната политика на сеење на страв која што ја практикува опозицијата е причината што граѓаните во моментов се против промена на Уставот, вели за Детектор, вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ. Тој додава дека пример за тоа е Преспанскиот договор кој според него и донел само придобивки на Македонија.
„За жал овие податоци според мене се дело или производ на долгогодишната политика на страв која што е промовирана од опозицијата, од Левица и ВМРО-ДПМНЕ, особено минатата година на која што се напластуваа сериозни слоеви на дезинформации, лажни информации и сеење страв кон граѓаните дека нам ќе ни се одземе идентитетот, дека ќе има некаква бугаризација, дека јазикот ќе ни биде одземен и дека со ова се прави кој знае што. Ние имавме многу слична атмосфера, можеби не волку заострена меѓутоа многу слична атмосфера поврзана и со Преспанскиот договор.
Дека тоа ќе биде обезличување на Македонија, дека тоа ќе биде крај на нашиот идентитет и дека тоа ќе биде предавање на државата, продавање на државата. Но денес ги гледаме придобивките. Иако и тогаш имаше протести и заострена атмосфера во Собранието, денеска ги гледаме придобивките. Четири години откако е усвоен, од него гледаме само позитивни придобивки“ – вели Маричиќ
Потенцира дека освен патот кон ЕУ Македонија нема друга алтернатива и политичарите се должни да ги реализираат стратешките интереси. Тоа ќе се постигне според него со заедничка работа преку која ќе им се објасни на граѓаните дека Македонија нема да го изгуби својот идентитет.
На прашањето дали можело да подобро да се испреговара преговарачката рамка, тој додаде дека како алтернатива било понудено да се додаде ново поглавје само за односите со Бугарија, налик на поглавјето што Србија го има за Косово.
-Тоа Бугарите го посакуваа исто како што сега посакуваат да не успееме. Дел од политичките структури во Софија посакуваат многу ние да не успееме со уставните измени, рече Маричиќ.
Според него прашањето „дали сме за ЕУ или не“ не треба да се условува со прашањето за парламентарни избори.
-Зошто Собранието да нема мандат да одлучува за уставните измени, таму седат народни избраници. Дали парламентарниот состав во 1998-мата година имаше мандат да дискутира за Рамковниот договор?, праша Маричиќ.