Марами со принт на дела од врвни македонски сликари станаа хит


Најновата идеја на колективот на Националната галерија на Македонија, за “уметнички“ бандани, поточно марами со принт на уметнички дела, главно од врвни македонски сликари, предизвика огромен интерес кај љубителите на уметноста, не само од Скопје, туку и пошироко.

Како што велат вработените во објектите под капата на Националната галерија, каде што од вчера овие марами можат да се набават, интересот е огромен. Бидејќи марамите речиси и да ги нема повеќе, се размислува за печатење на нова количина.

“Идејата беше и во ова време на пандемија уметноста да биде заедно со граѓаните. Засега галериите не се отворени, но обезбедивме пристап да можат да се набават банданите. Радува фактот што има интерес за дела од нашите основоположници познати во светски рамки, Перчинков, Мазев, Шемов, Франговски… и веќе можеме да ги видиме граѓаните како ги носат банданите низ градот. Засега се опфатени десетина македонски автори. Со оглед дека има интерес ќе продолжиме и понатаму со печатење. Поради пандемијата и затварањето на галериите, нашите ресурси се исцрпени, нема продажба на влезници, книги, така што ова е еден од начините да ги зголемиме приходите. Колку што е аспектот општествен, толку се однесува и на самоодржливоста“, изјави за „Вечер“ Дита Старова Ќерими, директор на Националната галерија.

“Црвенокоса“ од Петар Мазев, масло на платно од 1950 година и “Грипозна ноќ“ од Спасе Куноски, исто така масло на платно од 1958, се дел од сликите кои се испринтани на овие бандани.