МАПАС: Членовите со бенифициран стаж може да го продолжат членството во задолжителниот пензиски фонд


Се отвори битката за гласот на пензионерите (Фото: Б. Грданоски)

Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), информира дека согласно со закон членовите на задолжителните пензиски фондови кои навршиле стаж со кој се остварува намалување на старосната граница за пензионирање за најмалку една година согласно член 118 став (3) од Законот за пензиското и инвалидското осигурување, почнувајќи од денеска (1 април) најдоцна до 1 јули 2022 година имаат право да изберат дали ќе го продолжат членството во задолжителен пензиски фонд.

Како што се наведува во денешното соопштение од МАПАС, изборот се врши со писмена изјава за продолжување на членство, а доколку членовите до 1 јули 2022 година не достават изјава, членството во задолжителниот пензиски фонд ќе им престане. По престанување на членството во задолжителниот пензиски фонд, пензиското друштво го пренесува вкупниот износ на средствата од индивидуалните сметките на овие членови во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Северна Македонија (Фондот на ПИОСМ).

Членовите кои нема да дадат изјава за продолжување на членство остануваат осигуреници само во тековно финансираното пензиско осигурување засновано на генерациска солидарност (Фондот на ПИОСМ) од каде што ќе го остварат правото на пензија.

Повеќе информации за Бенифициран стаж и Изјавата за продолжување на членство во задолжителен пензиски фонд на линкот https://mapas.mk/benificiran-staz/ .