МАНУ одбележа 52 години од основањето

Активностите на МАНУ во изминатата година се реализираа успешно и со планираната динамика. Академијата се посвети на научноистражувачки проекти од различни области, разгледуваше и актуелни теми, а најголемо внимание им посвети на евроинтеграциските процеси, рече претседателот на Академијата Таки Фити во освртот за изминатата година од работата на МАНУ која денеска го одбележа 52-риот роденден.

Нагласи дека со својата советодавна функција, МАНУ во своите изданија, трудови и зборници објавила препораки и сугестии до креаторите на политиките во сите области на науката и уметноста.

-Имавме извонредно богата работна програма, насочена во различни области која опфати различни теми, главно круцијални и врзани за актуелни состојби во Македонија во сите сфери на општественото живеење кои се во интерес на МАНУ – владеењето на правото и демократијата, што ќе биде и првото поглавје што нашата земја ќе го отвори во преговорите со ЕУ, потоа образованието, особено високото, науката, истражувањето и иновациските политики, економијата, потоа енергетика и животна средина, а посебно внимание обрнавме и на уметноста, културата, јазикот, мултикултурализмот, истакна Фити.

Академијата годинава работи на 89 научни и уметнички проекти, соработува со странски академии, пред сѐ, со соседните БАН и САНУ, а досега во оваа година академиците на МАНУ објавиле 107 научни трудови, од кои 41 се со импакт-фактор.

Претседателот на МАНУ најави четиригодишен извештај за нејзиното работење (2016-2019) на 25 ноември на седница на Собранието на МАНУ на која треба да се избере ново раководство на Академијата.

По повод денот на МАНУ беше доделено и меѓународното признание „Блаже Конески“, чии годинашни добитници се Марија Солецка, Марија Бежановска и Борислав Павловски, кои се заслужни за промоциоја на македонскиот јазик и литература во средините каде што живеат и работат, односно Полска, Франција и Хрватска.

Бежановска од 1964 живее и работи во Франција и превела околу 40 литературни дела од македонски автори на француски јазик, како и преводи на француски поети кои учествувале на Струшките вечери на поезијата.

Борислав Павловски е редовен професор на Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филозофскиот факултет во Загреб, а покрај богатата преведувачка дејност е заслужен и за организирањето на Деновите на Миладиновци во Ѓаково и Осиек.

Марија Солецка живее во Полска, а работела како лектор по полски јазик на УКИМ. Авторка е на 50-ина трудови од македонистичката библиографија, главна преокупација ѝ се семантика и синтакса на глаголите.

На својот 52-ри роденден МАНУ денеска го промовираше и изданието „Камбовски Liber Amicorium книга на пријатели“ во чест на 70 години од животот на академик Владо Камбовски.

МАНУ го одбележа денот во пресрет на годишнината кога почнала да работи – 10 октомври 1967 година.