МАНУ и Стопанската комора на Македонија заеднички ќе изработуваат стратегија за развој до 2030 година


Соработка меѓу двете институции што ќе биде реализирана преку различни активности, вклучувајќи и работа на научноистражувачки проекти и апликативни проекти во сферата на економските науки овозможува Меморандумот за соработка што денеска го потпишаа претседателите на МАНУ и Стопанската комора на Македонија.

-Во согласност со меморандумот во периодот што доаѓа предвидени се различни активности за спроведување на предвидената соработка која ќе покаже каква сакаме да биде македонската економија во 2030 година, кои се клучните цели и какви и кои структурни промени треба да бидат направени за да стигнеме до посакуваната економија, изјави претседателот на МАНУ, академик Љупчо Коцарев по потпишувањето на меморандумот.

Тој посочи дека ќе се прецизира и кои реформи во образованието и науката всушност ќе обезбедат сеопфатен, инклузивен, континуиран и одржлив економски раст во земјава.

-Свесни сме за предизвиците со кои ќе се соочуваат светот, Европа и Македонија во наредните десетина години. Затоа посебни теми кои ќе бидат анализирани се климатските промени, демократијата, глобализацијата, геополитиката, урбанизацијата. Само на еден таков начин и сеопфатно ние ќе обезбедиме да ги адресираме економските проблеми на соодветен начин и да овозможиме подобар и подостоинствен живот на нашите граѓани, рече академик Коцарев.

Претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески рече дека заедничка интенција на двете институции е да се осврнат на економијата и на стратешките правци за развој на економијата со цел да може заеднички да дојдат до најдобрите решенија кои ќе овозможат просперитет за државата.

-Тоа пред се се однесува на прашањата каква пазарна економија сакаме, има ли нашата земја алтернатива за процесот на приближување кон ЕУ и прашањето за изработка на стратегија за долгорочен развој до 2030 година. Мислам дека ќе ги споиме потенцијалите на бизнисот кои се сконцентрирани најмногу кај нас и на Академијата за да помогнеме заедно со сите чинители на економската власт и со Владата да ги најдеме најдобрите решенија, рече Азески.

Одговарајќи на прашања претседателот на МАНУ нагласи дека Академијата наскоро ќе излезе со став за последните случувања со Бугарија, но одби да коментира за најавените реформи во образованието и спојувањето на повеќе предмети во еден, особено за предметот историја.