Мански за „Путиновите сведоци“: Опасно е да се игра со демократијата


Еден од најавангардните современи филмски автори Витали Мански на денешната средба со новинарите во Скопје зборуваше за принципите и тоа што треба да содржи еден филм за да биде добар. Тој е годинашен претседател на тричленото жири на фестивалот за дебитантски филм „Киненова“, кој се отвора вечерва и ќе трае до 13 октомври.
– Ме интересира пристапот на кој е направен еден филм. Авторот е важно да создаде доверба меѓу него и публиката, тоа е најважно за еден филм да биде добар и добро прифатен – вели Мански.
Тој е руски режисер кој пет години живее во егзил во Летонија. Неговиот контроверзен филм „Путиновите сведоци“ ќе има специјална проекција на „Киненова“ на 7 октомври во Кинотека. Овој филм лани победи на фестивалот во Карлови Вари во селекцијата на документарни филмови.
-Ми изгледаше многу важно да покажам и за Русија, а и за другите земји, колку може да биде опасно експериментирањето со демократијата и колку лесно прикривајќи се со демократски идеали може да се расипе самата идеја за демократијата. Се прикажа на 50 фестивали низ светот и речиси секаде доби награда, но никогаш не е прикажан во Русија – додаде тој.
По проекцијата на „Путиновите сведоци“ в понеелник во Кинотека, Мански ќе биде достапен за прашања од публиката.
На новинарско прашање дали во Русија има цензура во филмската индустрија тој вели дека потребна е државна дозвола за да се прикаже филм.
– Секој кој што сака да прикаже филм јавно, а под јавно може да бид еи проекција во кафуле, мора да добие државна лиценца за тоа. Ако го направи тоа без лиценца, првиот пат ќе добие парична казна, вториот пат повторно парична казна, а трет пат ќе му биде одземена дозволата за работа на кафулето. Значи, под јавно прикажување не се само кината и фестивалите. Тоа с еоднесува и на руски и на странски филмови. Така што, на ваков или онаков начин, цензурата си постои – вели Мански.
Тој додаде дека додека живеел во Русија изгубил повеќе од 20 судски случаи во кои што бил казнуван, а со тоа платил огромни суми на државата. Мански е основач и директор на фестивалот „АртДок“ кој го започна во Русија, но поради неговото преселување, сега го организира во Летонија.
– Ние на суд имаме изгубено 21 случај за прикажување филмови без таква лиценца и на државата и имаме исплатено преголеми суми. Лани имавме каталог со 120 филмови, а од нив во Русија успеавме да прикажеме само 54. За останатите испадна дека не може да бидат прикажани поради цензура. „Путиновите сведоци“ беше специјален филм за затворање на фестивалот, но беше прикажен на интернетската платформа на фестивалот. Продадовме 3.000 карти за прегледот, а за две недели преку пиратски канали беше прегледан од седум милиони гледачи, рече режисерот.