Манифестација „Македонското наследство на вмреженоста и поврзаноста“ во Порта Македонија во Скопје


Манифестацијата „Македонското наследство на вмреженоста и поврзаноста“ во рамките на Денови на европското наследство 2024, ќе се одржи денеска во објектот Порта Македонија во Скопје, со почеток од 13:00 часот. Организатор на настанот е Управата за заштита на културното наследство.

На свеченото отворање на манифестацијата свое обраќање ќе имаат министерот за култура, Зоран Љутков, заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков, раководителот за соработка на Делегацијата на Европската Унија, Штефен Худолин и директорката на Управата за заштита на културното наследство Весела Честоева.

Во рамките на програмата на манифестацијата ќе се обратат професори, академици и експерти во областа на културата и културното наследство од земјата и странство, како и дипломати и претставници на меѓународни организации.

Одбележувањето на Деновите на европското наследство започна во 1985 година на иницијатива на Советот на Европа со цел да ја поттикнат културна разновидност, дијалогот и зачувување на наследството. Од 1999 година тие се организираат заеднички од Европската комисија и Советот на Европа, како доказ за богатството на европското културно наследство, истовремено поттикнувајќи дијалог, инклузивност и прекугранични активности. Во деновите на европското наследство се организираат десетици илјади настани во 48 земји.